Мендух Тачи ќе остане дел од владејачката коалиција и не очекува драма по оставката на Заев – ММС
ММС

Објавено на: 11/1/21 3:49 PM

Мендух Тачи ќе остане дел од владејачката коалиција и не очекува драма по оставката на Заев

Претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи пред денешната средба на коалициските партнери на СДСМ во Влада, по вчера најавената оставка на премиерот Заев Заев, изјави дека неговата партија останува дел од владејачката коалиција и не гледа никаква причина нешто драматично да се случи.

– Не гледам никаква причина нешто драматично да се случи. Сакаат да ја изместат темата. Беа локални избори. Ако сакат да зборуваат за легитимитет на Влада, оваа влада и на овие избори има легитимитет. Апсолутно има многу повеќе гласови од опозицијата, рече Тачи.

Тој нагласи дека смета оти ништо драматично нема да се случи.

– Дали ќе се делиме на албанска или македонска опозиција или ќе останеме Влада и опозиција. Влада и опозиција на овие избори разликата е над 100 илјади гласови.  Не очекувам ништо, рече Тачи.

А попладнево се одржува координативен состанок во Владата меѓу премиерот во оставка Зоран Заев и лидерите на партиите, кои се дел од владејачката коалиција. Станува збор за првични разговори за нов премиер и состав на нова Влада, откако вчера Заев по поразот на локалните избори поднесе оставка од челната функција во Владата, но и од лидерската позиција во владејачката СДСМ.

На состанокот ќе се разговара и за можниот распоред за собраниска седница за оставката на премиерот и изборот на нова влада.

Коалицијата „Можеме” која е предводена од СДСМ, е сочинета и од Беса, НСДП, ЛДП, ДОМ, Демократски сојуз, ВМРО-НП, Партија на пензионери, Српска странка во Македонија, Партија за движење на Турците и Демократска партија на Турците. Заедно со ДУИ и ДПА коалицијата има 62 пратеника и мнозинство во Собранието. СДСМ има 30 пратеници, Беса четири, НСДП и ЛДП по два, по еден пратеник имаат ДОМ, Демократски сојуз, ВМРО-НП, Партија на пензионери, Српска странка во Македонија, Партија за движење на Турците, Демократска партија на Турците и еден независен пратеник. ДУИ има 15, а ДПА еден пратеник.

 

МИА