Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски порача од Собранието дека процедурите кои ги одредува Уставот ќе почнат откако ќе стигне писмената оставка од премиерот Зоран Заев, а неговата партија е подготвена да создаде ново парламентарно мнозинство.
– Согласно уставот има постапки каде што претседателот на РМ е должен во рок од десет дена да го додели мандатот на мандатар кој ќе приложи одредено мнозинство од 61 пратеник и после тој ќе има 20 дена за составување на влада. Сериозна е состојбата во државата, се наоѓаме пред сериозни предизвици. Еден од нив е енергетската криза во која влегуваме неподготвени, доаѓа нов бран на ковид-19… Ќе излезат сите негативни работи за кои ВМРП-ДПМНЕ зборуваше, но беа скриени од граѓаните – истакна Мицевски.
ВМРО ќе се обиде да направи ново парламентарно мнозинство и ќе почне да разговара со сите политички партии во Собранието.
– Ние ќе се обидеме да направиме ново парламентарно мнозинство. Доколку не успееме во тие напори најдобро би било да има нови предвремени парламентарни избори. Народот ја испорача фактурата и очекувам да ја депонира оставката. Ќе разговараме со сите чинители тука, краток е периодот до Нова година имаме и сериозни собраниски обврски, следува усвојувањето на буџетот за 2022 година. Знаете дека таму има одредени процедури, комисиски се расправа десет дена и во тоа време не се одржуваат пленарни седници – додаде координаторот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според член 219 од Деловникот на Собранието, „Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката”.
Во член 220 понатаму се вели дека „Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата”.
О.К.
фото: Вангел Тануровски