Скинат кабел го одложи почетокот на конститутивната седница на штипскиот Совет – ММС
ММС

Објавено на: 11/1/21 11:49 AM

Скинат кабел го одложи почетокот на конститутивната седница на штипскиот Совет

Малер на самиот почеток  на конститутивната седница на Советот на Општина Штип се случи, откако десетина минути по 10 часот, кога требаше да започне, снема струја. Сите нови советници и службите беа во Големата сала, во исчекување на почетокот на седницата, кога, според информациите, при градежни работи на тротоарот пред општинската зграда, бил скинат електричен кабел.

Поради тоа што според Статутот на Општина Штип, седниците се јавни и се пренесуваат на интернет, одлучено е почетокот да се презакаже за 13 часот, кога се очекува дефектот да се отстрани.

Советниците во шега коментираат дека е тоа лоша среќа и дека според владините најави, електроснабдувањето треба да е стабилно, барем до Нова Година.

Инаку, новиот состав на Советот денеска за прв пат седнува во советничките клупи, откако минатата недела им беа врачени уверенијата. Се почека да заврши рокот за жалби, откако партијата Левица вложи приговори на четири избирачки места. Градоначалникот Иван Јорданов, функцијата ја презеде минатиот понеделник.

Конститутивната седницата на Советот денеска ќе ја води највозрасниот советник, тоа е новинарот Иван Бојаџиски од Партијата на пензионерите, кому ова ќе му биде втор мандат и втора конститутивна седница како претседавач. По конституирањето, се очекува избор на Претседател на Советот. Најавата е дека тоа ќе биде Весна Кожинкова – Карагунова, професор по македонски јазик.

Мнозинството во штипскиот Совет го има ВМРО ДПМНЕ со 13 советници, СДСМ – девет и Левица со еден советник.