Арсовска го победи Шилегов: Скопје за прв пат добива жена градоначалник – ММС
ММС

Објавено на: 10/31/21 10:31 PM

Арсовска го победи Шилегов: Скопје за прв пат добива жена градоначалник

Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска која беше поддржана од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, вечерва прогласи победа во вториот круг на изборите.
Во обраќањето, Арсовска им се заблагодари на скопјани за укажаната доверба што за првпат по 30 години независност Скопје добива жена градоначалник и најави дека веднаш ќе започне со реализација на проектите од нејзината изборна програма. Дел од нив, како што рече, ќе се реализираат уште во првите 82 дена од мандатот.
– Не можам да изразам колку ми значи што сите вие скопјани ја поддржавте мојата визија и ги поддржавте моите проекти што ги имав во оваа кампања. Меѓутоа, пред се, што одбравте да верувате на човечноста, што истакнавте дека сте против црните кампањи и што ми ја дадовте вашата доверба во следните четири години да го водат градот Скопје и да бидам ваш човек во градот. По тешки битки, ако можам така да се изразам, во оваа кампања мој противник не беше само стариот градоначалник, туку и премиерот во заминување и на мое големо задоволство истакнувам дека за првпат во 30 години независна Македонија Скопје има жена за градоначалник, рече Арсовска.
Додаде дека разликата со нејзиниот противкандидат е над 20 илјади гласови и најави дека Скопје ќе го трансформира во чист, зелен и модерен град.

(МИА)