Пред партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје на големо се слави победата на партијата во вториот круг на локалните избори. Ечат зурли и тапани, а еуфоричната толпа симпатизери со факли во рацете скандира: „цело Скопје вмровски град“ и повикува на оставка на Владата уште вечерва.
Од партијата информираа дека се освоени градоначалничките места во 14 општини: Битола, Брвеница, Василево, Гевгелија, Зелениково, Кратово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Ново Село, Охрид, Радовиш, Ранковце, Ресен, како и дека водат во Вевчани, Пехчево, Пробиштип, Скопје.
За Град Скопје, води независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, пред досегашниот кандидат на СДСМ, Петре Шилегов.
Во првиот круг на изборите на 17 октомври, ВМРО-ДПМНЕ ги освои Ѓорче Петров, Аеродром, Бутел, Гази Баба и Кисела Вода.