Првата дама ги посети болните од рак – октомври одбележан како месец на борба против канцер на дојка – ММС
ММС

Објавено на: 10/29/21 1:02 PM

Првата дама ги посети болните од рак – октомври одбележан како месец на борба против канцер на дојка

Првата дама, Елизабета Ѓоргиевска денеска го посети Кабинетот за психолошка поддршка во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија по повод одбележувањето на октомври – месецот на борба против рак на дојка.

За време на посетата, сопругата на претседателот беше придружувана од директорот, спец. д-р Никола Васев, претседателката на Здружението за помош и поддршка на пациенти кои се лекуваат од карцином “Љубов сме – Jemi dashuri”, Македонка Икономова Давчева и спец. д-р Мери Пешевска, специјалист во Одделение за малигни тумори на дојка при ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, соопштија од кабинетот на претседателот Пендаровски.

Сопругата на претседателот ги посети и пациентите во дневната болница за прием на хемотерапија и го посети Кабинетот за психолошка поддршка при што психолозите, Александра Стефановска и Елена Ѓорѓевска ја претставија работата на кабинетот. Тие ја информираа Ѓоргиевска дека психолозите на клиниката работат со пациентите и нивните семејства, остваруваат индивидуални и групни средби со нови пациенти кои започнуваат со лекување, со пациенти кои се во тек на третман, како и пациенти кои го завршиле нивното лекување.

Здружението “Љубов сме- Jemi dashuri” чија цел е да им го олесни патот на онколошките пациенти кон нивното подобро здравје го иницираше во соработка со здравствените институции отворањето на психолошкиот кабинет при ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија сметајќи дека е неопходен во процесот на нивното лекување.

Од самиот почеток на пандемијата психолозите во психолошкиот оддел на Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија во соработка со Комората на психолози отпочнаа со „Проект за психолошка поддршка и психо-социјална помош на онколошките пациенти”.

Во рамки на проектот се нуди бесплатна психолошка помош и во рамки на истиот функционира телефонска служба за помош на онколошките пациенти и семејства и онлајн група за психолошка поддршка еднаш неделно. Во Kабинетот за психолошка поддршка на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија од почетокот на работа се остварени вкупно 900 психолошки средби.