Иако се оставени на забот на времето, покриени со прашина и обраснати со трева, некои возила ја имаат среќата да паднат во рацете на активистите од охридското здружение ЕКО ФАП кои им ја враќаат душата на старите камиони и автобуси и повторно ги пуштаат во сообраќај.
Групата на бродари и активисти од охридското здружение ЕКО ФАП ставија во функција две стари противпожарни возила кои беа исфрлени од употреба, со цел да го развијат и второто одделение на здружението, доброволна противпожарна заштита.
Капетанот на Капетанијата на македонските пристаништа, Горан Устијаноски е претседател на здружението во кое членуваат ентузијасти кои сакаат да се грижат за животната средина. Тој вели дека приказната почнала пред неколку години кога се договориле да почнат да ги чистат дивите депонии околу езерото и во Националниот парк Галичица кои се грда слика за еден од најубавите градови во регионот.
– Здружението го формиравме со првиот камион ФАП кој ни служи за собирање на отпад во околината на Охридското езеро. Досега собравме 40 тури отпад. Нема што немаше, телевизори, мебел, пластика… Од ударни места каде што туристи гледаат. Целта ни е од она што стои некаде кај некого, да го ставиме во возна состојба, со мали вложувања. Имаме своја работилница, се разбираме во механика сите во друштвото тука. Надвор од туристичката сезона кога е празно во градот, решивме да не го трошиме времето напразно и на овој начин сакавме да си го платиме моралниот и душевниот данок кон нашиот Охрид – рече Горан за ММС.
По првиот камион, синиот ФАП 1314, здружението успеало да ги заврши и двата пожарникарски камиони од истиот модел, 1314. Акцијата ја финансираат тие и дел од блиски луѓе кои имаат успешен бизнис и сакале да помогнат.
– Сега сме во процес на оформување на основниот фонд на возниот фонд, имаме направено две возила, но сакаме да направиме повеќе. Не дај боже да дојде пожар од поголем обем, на Противпожарната единица нема да и дојде лошо уште две возила. Сакаме за Охрид да оставиме резервна можност. Целата најнова противпожарна технологија во непристапни терени како на Галичица нема да се покаже како ова возило. За овој камион не постои препрека, тоа е толку сурово возило што ништо не му треба, освен гориво – истакна Устијаноски.
Овие возила се произведени помеѓу 1975-та и 1980-та година и имаат недостатоци, но Горан вели дека нема нешто што не се прави во нивната гаража. – Има трошоци околу нив, посебно ако има крупни дефекти. Само регистрација е 40.000 денари за него. Зависи што му фали, ако имало проблеми со моторот или менувачот ќе одат 2-300 евра. Нема делови на секој чекор, некогаш нема во Македонија, па бараме од регионот. Барем работната рака е наша инаку е таа скапа да ја платиш. Еден автобус кој за малку ќе завршеше под преса на отпад, решивме да го направиме и да користат волонтерите кога одиме на еколошки акции. Го исправивме, во возна состојба е, сега ќе го фарбаме. Се работи за модел Санос од 1981 година кој ќе го користиме за да однесеме 15-на луѓе каде што ќе чистиме во природата.
Горан додаде дека здружението во април идната година планира да направи изложба со сите возила.
– Досега имаме три, а зимава што доаѓа сакаме да ги довршиме противпожарниот камион и автобусот. Сакаме да им се заблагодариме на сите што ни дадоа поддршка во акцијата за реставрирање преку изложба – додаде Устијаноски.
Орце Костов
фото: Фејсбук