Неминовно е наскоро да плаќаме повисока цена за лебот и печивата. Тоа го најавуваат пекарите бидејќи во спротивно велат дека ќе мораат да го затворат бизнисот затоа што веќе работат со загуба. Освен зголемената откупна цена на брашното од страна на мелничарите, тие потенцираат дека се поскапени и сите други суровини кои ги користат, како зејтинот, палминото масло, сусамот, допонително и индустриската цена на струјата, која од јануари следната година најверојатно уште повеќе ќе поскапи.
Цената на брашното во последните два месеца е речиси двојно повисока од ланската и изнесува меѓу 18 и 25 денари за килограм, а просечната откупна цена на пченицата што ја плаќаат мелничарите е 10-11 денари и е истата како и минатата година, објаснуваат пекарите со кои разговараше ММС. Прашуваат, зошто надлежните во државава не предлагаат решение и зошто не се каже, колку имаме домашна пченица, дали е потрошено годинешното производство и сите залихи, колкав е недостигот и колкави количества на скапа пченица мора да увезуваме. Како драматична ја оценуваат состојбата со растот на цените на сите суровини кои им прават жесток притисок врз работењето.
„Во државава реално има инфлација од околу 20 отсто, а за тоа се молчи и надлежните не нудат решенија и стратегија за нормално функционирање на компаниите“, велат тие.
За високата цена на брашното пекарите главно ги обвинуваат мелничарите.
„Домашните мелничари играат лоша игра и само тие печалат пари. Ја злоупотребуваат ситуацијата со растот на цените на многу производи. Нека кажат по кој основ ја зголемија цената на брашното и да не се правдаат дека увозот е главната причина. Каде е производството од домашната пченица?“, вели сопственик на пекарница и додава дека оваа гранка е целосно зависна од домашните мелничари, затоа што увоз на брашно може да прават само уште од Србија, а таа го забрани извозот.
Мелничарите, пак, објаснуваат дека увозот на скапа пченица е причината што морале да ја зголемат цената на брашното за домашните пекари. Во споредба со лани, увозната цена на сите житни култури како и на ѓубривата, е зголемена за над 30 отсто, а истовремено, има недостиг од домашно производство.
„Годишните потреби од брашно на домашниот пазар изнесуваат околу 250.000 тони. До пред 5 години откупувавме пченица и произведувавме околу 60 отсто од потребите за брашно. Но, кај нас, како и секаде во светот, се намалуваат површините и приносите со пченица од година во година, пред се поради разни непогоди, суши, поплави, ковид пандемијата… па мора да се увезува пченица. А, годинава, увозната цена на пченицата и на ѓубривата е зголемена на светските берзи за над 30 отсто во споредба со лани, пред пандемијата. Дополнителен шок се очекува со пораст на цената на струјата која веќе е поскапена во изминатите 4 месеци за 300 отсто за правните лица“, вели за ММС, Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничко пекарска индустрија, при Стопанската комора на Северна Македонија. Тој додава дека, Владата, покрај субвенциите за производителите на пченица, мора да размисли и да донесе интервентни мерки и стимулации во овој сектор за да се ублажат последиците од ценовните шокови, на што е алармирано повеќе пати.
„Доколку продолжи ваквата ситуација и се зголемува увозната зависност, ќе нема наскоро мелнички капацитети. Овој проблем веќе е присутен. До пред 15 години во земјава имаше 74, а сега се 18-тина мелници од кои поактивно работат десетина и со 20 отсто од капацитетите. Во мелниците нема голем број на вработени, по 20 до 30 лица, но овој сектор индиректно ангажира околу 100.000 лица, вклучувајќи ги и земјоделците“, вели Маришиќ.
СКСМ: Државни субвенции им се потребни и на преработувачите
Според анализите на СКСМ презентирани неодамна, клучните прехранбени производи во државава, како што се житарките и маслодајните семиња, драстично се поскапени за 20 до 100 проценти отколку пред една година. Со оглед на тоа што се тие составен дел на многу прехранбени производи, се стравува дека скокот на нивните цени ќе предизвика бројни зголемувања на цените на храната во продавниците, што би го загрозило животниот стандард на граѓаните.
„Лани пченицата во жетва чинеше 10,00 денари за килограм, а во истиот период 2021 чинеше 12,00 денари или зголемување од 20 отсто. Јачменот минатата година се купуваше за 8,5 денари/ кг., додека годинава цената е зголемена 23,5 отсто и се купува за 10,5 денари за еден кг. И кај пченката има забележливо зголемување на цената, истата лани се купуваше за 9,00 денари/ кг. додека годинава производителите ја купуваат за 13,00 денари за килограм . Сојата во 2020 година се купуваше за 340-380 евра за тон, а на почетокот на годинава скокна до 500 евра за тон“, стои во извештајот на СКСМ.
Се додава дека, државава е зависна од увоз на 120.000 тони пченица поради квантитатвиен и квалитативен кусок, а на пченка од 70.000 тони. Цената на брашното се зголеми за 20 проценти за 12 месеци. Во исто време, цената на увезеното брашно од соседството, од 212 евра за тон во 2020 година, се зголеми на 280 евра за тон оваа година.
„Се наметнува потреба од интервенција на државата во делот на субвенции. Наместо само на производителите, истите да се даваат и на преработувачите. Суровините на мелничарите драстично поскапеа и се најавува веќе некое време поскапување на лебот. Во изминатите неколку години беа остварени повеќе средби и доставени низа барања до надлежните институции, беа понудени од индустријата одредени решенија, но без резултати. Целата прехранбена индустрија бара од Владата да и се помогне за да може да функционира, а и потрошувачите да бидат заштитени“, се вели во анализата на СКСМ.
Маја Томиќ