Иван Јорданов ги именува првите двајца директори во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 10/27/21 1:16 PM

Иван Јорданов ги именува првите двајца директори во Штип

Два дена по преземањето на градоначалничката функција во Штип, Иван Јорданов ги назначи првите директори во две јавни претпријатија. Се работи за двајца негови блиски соработници, од кои имаше силна поддршка и во текот на изборната кампања и како координатор на ВМРО ДПМНЕ во Штип.

Правникот Трајче Здравков е новиот в.д. директор на „Исар“, кој е внатрешно решение, додека Игор Ефтимов, правник, досегашен портпарол на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Штип, го презема ЈП „Стипион“. И двајцата се млади кадри од потесното раководство на партијата, за кои имаше неофицијални најави дека ќе го преземат комуналните претпријатија.

Досегашните директори именувани од сега веќе поранешниот градоначалник, Сашко Николов, беа исто така времени решенија.

Градоначалникот Јорданов најави секојдневна координација, како што рече, во функција на потребите на граѓаните.

-Приоритетно тие ќе имаат обврска да се реорганизираат, да постават тим, којшто ќе носи резултати во функција на нашите сограѓани. Со денешното назначување сакам да најавам дека сите идни назначувања ќе бидат времени решенија, со цел да бидат пофункционални, поодговорни и да им служат на граѓаните. Доколку се утврди нефункционалност, неодговорност, истите ќе бидат разрешени, рече Јорданов.

Новиот директор на „Исар“, Здравков, не можеше да каже детали за финансиската состојба на претпријатието, бидејќи како што рече, откако ќе направи увид во финансиите деновиве, ќе излезе во јавноста со информации.