Во наредните 5 години ќе бидат инвестирани 4 милијарди евра во јавни инвестиции кои ќе мобилизираат дополнителни 8 милијарди евра од приватниот сектор, ќе се зголеми стапката на економски раст, ќе се намали невработеност на едноцифрено ниво како и јавниот долг кој ќе биде под 60 проценти од БДП. Тоа се главните цели со Планот за забрзан економски раст 2022-2026 што денеска го усвои Владата.
Според Планот, за 5 години просечната стапка на економски раст од 2,5 ќе достигне 5 проценти просечно на годишно ниво, вработувањето ќе се зголеми на 54,3 отсто во 2026 година, а стапката на невработеност ќе влезе во едноцифрена зона од 8,6 проценти. Во 2026 година, буџетскиот дефицит се олекува да биде на ниво од 2,2 проценти од БДП.
„Покрај планираните јавни инвестиции од 4 милијарди евра финансирани од буџетот, со ИПА фондовите и со меѓународните финансиски институции, ќе се мобилизираат повеќе средства и инвестиции од страна на приватниот сектор. Ќе се поддржат инвестициски проекти во јавниот и приватниот сектор, а ќе се концентирани во повеќе приоритетни области како зелена економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, развој на физичка инфраструктура и човечки капитал, како и социјална кохезија“, рече премиерот Зоран Заев.
Тој рече дека, од почетокот на годината заклучно со 22 октомври реализацијата на капиталните инвестиција изнесува 14,2 милијарди денари и е за 57,4 проценти повисока во однос на истиот период лани.
Министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека Планот нема да остане само на хартија и дека е предвиден Акциски план со прецизни рокови на реализација. КАПЕФ механизмот, како што посочи, веќе дава резултати, а предвидени се развојни обврзници преку кои ќе се обезбеди финансирање на проекти од национално значење. Средствата што ќе бидат обезбедени преку овие обврзници ќе одат за инвестиции за јавниот сектор. Планирано е да бидат емитувани и првите зелени обврзници за да се обезбеди зголемено финансирање за подобра енергетската ефикасност, намалување на загадувањето, управувањето со отпадот, поддршка на одржливото земјоделство и друго.