„Ветувањата на кандидатите за градоначалници и советници се големи како „Југо“, а средствата се колку за кифла“ – вели Бранко Азески, претседател на СКСМ – ММС
ММС

Објавено на: 10/26/21 12:59 PM

„Ветувањата на кандидатите за градоначалници и советници се големи како „Југо“, а средствата се колку за кифла“ – вели Бранко Азески, претседател на СКСМ

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување? А реалноста е следна: нашата локална самоуправа има само 5 отсто од БДП, за разлика од просекот во ЕУ кој изнесува 15,6 отсто од БДП, прашува Азески во својата колумна објавена на страната на Стопанската комора на Северна Македонија, СКСМ, со наслов : Весела Математика.
-Има една песна на групата „Студени нозе“ во која се опишува дека „нивното куче е поголемо од кифла, а помало од југо“ што алегорично претставува олицетворение на нашава кампања за локалните избори, во која, ако се соберат сите ветувања за разни проекти во општините и се претворат во бројки ќе се добие цифра поголема од бруто домашниот производ, а во стварноста реалните средства што се однесуваат на локалната самоуправа, изнесуваат само 5 отсто од него. Тоа значи дека ветувањата се како југо, а расположливите средства како кифла-пишува Азески.
П.С. „Лично сметам дека должност ми е да го изнесам ова во јавност и да поттикнам дебата, барем во последната недела од кампањата, за едно прашање без чие реализирање, ветувањата коишто секојдневно ги слушаме ќе бидат обична весела математика, односно што би рекол нашиот народ „сметка без крчмар“. А, за енергетската криза веројатно бизнисот ќе причека да заврши кампањата за локалните избори, како и секогаш до сега“, пишува Азески.