Новиот штипски градоначалник и директорите на ЈП веќе нема да користат службени возила – ММС
ММС

Објавено на: 10/26/21 12:41 PM

Новиот штипски градоначалник и директорите на ЈП веќе нема да користат службени возила

Еден ден откако стапи на функцијата, новиот штипски градоначалник Иван Јорданов најави дека тој, но и идните локални функционери се откажуваат од користењето на службените возила.

На овој начин како што вели тој, во време на финансиска криза, возилата ќе бидат во функција на службите – кои се сервис на граѓаните.

– Со ова ги кратиме непродуктивните трошоци, но и ја подобруваме функционалноста на општината. Возилата ќе бидат користени од службите на локалната самоуправа за подобра услуга кон граѓаните, рече Јорданов.

На новинарско прашање дали ова значи дека некој ги злопупотребувал службените возила, Јорданов одговори дека дополнително ќе се утврдува како јавните функционери досега ги користеле возилата.

Во текот на вчерашниот ден и сабајлево,  Јорданов како што најави кога ја преземаше функцијата вчера, изврши увид на дел од улиците кои се во застој.

Денеска на лице место беше на пристапната улица помеѓу Булеварот ЈНА и  Булеварот Партизанска, која е раскопана околу еден месец, а за која се надева дека ќе биде завршена за околу една недела.

Јорданов најави дека ќе продолжи со увид и на улиците Панче Караѓозов и Личка, со цел побрзо да бидат завршени градежните активности.