– До Нова година ќе имаме електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи и сакам да ги уверам сите граѓани дека до крајот на годината нема да има покачување на цената на електричната енергија за домаќинствата. Ние сме подготвени да им помогнеме иа ЕСМ и на МЕПСО ако имаат потреба да купуваат струја на слободниот пазар – истакна министерот за економија Крешник Бектеши по состанокот на Комисијата за електроенергетска кризна состојба на која присуствуваа преставници од ЕСМ, ЕВН, МЕПСО и Регулаторната комисија.
– Не сме имале случај да свикаме Комисија за ова досега, но одлучив да свикаме за да ја разгледаме состојбата со енергетската криза. Заедничка одлука беше дека моментално не треба да се прогласи кризна состојба. Кризна состојба согласно Уредбата која произлегува од Законот за енергетика може да се прогласи по предлог на Комисијата со која раководи Министерот за економија и потоа Владата одлучува. Ќе има одредени мерки кои ќе произлезат од таму, како што се мерки за јавното осветлување – рече Бектеши.
Од денес во функција е вториот блок на РЕК Битола и до вечерва ќе работи во полн капацитет. Пратено е писмо до Стопанските комори кои треба да ги информираат трговците со нафтени деривати чии понуди за снабдување со мазут треба да се анализираат во министерството за економија ако во случај треба да се пушти ТЕЦ Неготино во употреба.
– Јас сум убеден дека ќе имаме успешен тендер во ЕСМ за купување јаглен со кој би се пуштил и третиот блок во РЕК Битола и во тој случај би имале и вишок енергија. Ако нема успешен тендер, ќе следи состанок со сите. ЕСМ согласно законот има право да купи електрична енергија во странство. Согласно законот ЕСМ треба 65% од потребите да ги снабдува за ЕВН, но ние гледаме тоа да биде 100% за да нема ценовен шок. Според информациите, 300 мегавати е домашното производство, а потребите се 500 мегавати – истакна министерот за економија.
О.К.
фото: Министерство за економија