Почина Грузиецот со „сина крв“ кој живееше како Тарзан во Австралија – ММС
ММС

Објавено на: 08/22/18 8:17 AM

Почина Грузиецот со „сина крв“ кој живееше како Тарзан во Австралија

Михаил Фоменко, попознат како австралискиот Тарзан, почина на 88 годишна возраст во австралиската сојузна држава Квинсленд. Тој ја напушти цивилизацијата пред шест децении, а неговата животна приказна уште понеобична ја чини тоа што имал „сина крв“, т.е. благородничко потекло.

Фоменко е син на грузиската принцеза Елизабет Мачабели и шампионот во атлетика, Даниел Фоменко. Роден е во Грузија, тогашниот СССР, но неговото семејство во 1930-те пребегнало во Јапонија, а подоцна во Сиднеј, Австралија.

Младиот принц, разочаран од постојаното бегање, и од јазичните бариери, полека ја напуштал урбаната средина, претпочитајќи да живее со австралиските домородци – Абориџините.

– Се откажав од тоа што вие го нарекувате цивилизација. Го сакам животот којшто го имам во дивината, изјави тој во 1960 година.

Пет години подоцна полицијата испрати потера по Фоменко и тој бил уапсен поради недолично однесување, затоа што се движел облечен само во едно парче ткаенина околу половината. Кусо потоа го прогласиле за ментално болен. Неколкупати е сместуван во институции, каде што се обиделе да го лекуваат со електрошокови. Но, штом ќе го пуштеле на слобода, Фоменко се враќал во дивината.

Се до 2012 година тој живеел во дивината, но тогаш властите го сместиле во прифатилиште за стари лица.