Локални избори: Уште четири дена кампања, се засилуваат изборните активности и меѓусебни обвинувања – ММС
ММС

Објавено на: 10/26/21 7:37 AM

Локални избори: Уште четири дена кампања, се засилуваат изборните активности и меѓусебни обвинувања

На четири дена до завршувањето на кампањата пред вториот круг на локалните избори, учесниците во изборниот процес ги продолжуваат активностите, презентирајќи ја својата програма пред граѓаните. Дел од партиите веќе и јавно се изјаснија на кого ќе ја дадат поддршката во вториот круг, а не стивнуваат ниту обвинувањата за притисок врз гласачите.
Од „Беса“ вчера ги повикаа своите гласачи да ја дадат поддршката за кандидатите на Алијанса на Албанците, а истото го сторија и од Алијанса на Албанците. Ова, како што изјавија од двете партии, го прават за да ја симнат ДУИ од власта.
– Политичката сцена во наредните години мора да се промени. Затоа, сакаме заедно да ја водиме и да ја направиме оваа промена, истакна вчера генералниот секретар на „Беса“, Арјанит Хоџа.

И потпретседателот на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари на прес-конференција ја најави поддршката за кандидатите за градоначалници на Беса во вториот круг и ја поздрави нивната одлука да дадат поддршка на кандидатите на Алијанса-Алтертнатива.
– Ние и натаму тврдиме дека ДУИ треба да падне од секоја власт. Се надеваме дека Движењето Беса навистина има за цел да се одвои од злото, но потсетуваме дека тоа се прави само доколку ДУИ биде целосно отстранета од власта и создадеме ново парламентарно мнозинство, рече Таравари.

Ставот на Беса во вториот круг да даде поддршка на кандидатите од Алијанса/Алтернатива, според лидерот на СДСМ Зоран Заев, не значи дека е ставена под знак прашалник владината коалиција. Заев вчера оцени дека владината коалиција е стабилна и дека легитимно право е на секој да се бори за гласови. Не го разочарало ниту тоа што коалиционите пратнери ЛДП и ДОМ јавно не ги повикале своите поддржувачи да дадат поддршка во вториот круг за кандидатите од коалицијата на СДСМ.
Вели дека имаат различности меѓу коалиционите партнери, но оти ги поврзуваат генералните вредности како што се борбата против корупцијата, реформите во судството, евроинтеграциите …
– Тоа е убавината на една демократија и слобода. Ние имаме заеднички вредности во коалицијата и тоа не обединува. Важно е да ги мобилизираме сите гласачи со кои споделуваме заеднички вредности, рече Заев.

Седењето на граѓаните дома и неизлегувањето на избори, според Заев, би значело поддршка на политичкиот опонент и враќање на режимот.
Во вториот круг верува дека СДСМ ќе има видлива победа и очекува разлика во корист на СДСМ во Скопје, Чаир, Карпош и Центар.
Во вториот круг, онаму каде нема свои кандидати, СДСМ ќе ги поддржи кандидатите на коалиционите партнери, а онаму каде има кандидати и од ДУИ и од БЕСА, оставаат граѓаните да одлучат по своја волја.
– Во општините каде сме присутни само коалициските партнери, како Долнени, Арачиново, Чашка, во такви околности ќе се обидеме да победиме како СДСМ со позитивна кампања и промоција на нашите проекти. Таму каде се коалициските партнери ДУИ и БЕСА, оставаме граѓаните сами одлучуваат. Секако и нашите членови имаат инструкции да гласаат по слободно убедување за она што е најдобро за нивниот град, изјави Заев во саботата во Охрид.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја реафирмираше поддршката за кандидатите на Алијанса на Албанците и Алтернатива. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во саботата најави дека во местата каде немаат свои кандидати во вториот круг, ќе ги поддржат кандидатите кои се опозиција на власта.

– ВМРО-ДПМНЕ ја реафирмира поддршката за кандидатите за градоначалници од Алијансата на Албанците и Алтернатива. Во местата каде немаме свои кандидати во вториот круг, природно ќе ги поддржиме кандидатите кои се опозиција на власта и се борат против оваа власт која е корумпирана и криминална, рече Николоски.
Од друга страна, продолжуваат обвинувањата за поткуп и притисок врз гласачите. ВМРО-ДПМНЕ викендов излезе со обвинување дека имало полициски закани на денот на изборите, а Обвинителството вчера соопшти дека Комисијата за следење на изборни нерегуларности постапува по сите примени поднесоци, пријави и сознанија за евентуално сторени кривични дела поврзани со организирањето и спроведувањето на изборите.
– До надлежното Основно јавно обвинителство се доставени наводите со насоки истите да се проверат и доколку се утврдат елементи на сторени кривични дела, да се постапи согласно законските надлежности, информираа вчера од Обвинителството.
Од Министерството за внатрешни работи вчера категорично ги отфрлија, како што посочија, невистините кои ги шири ВМРО-ДПМНЕ за надовно „координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе”.
– На денот на изборите, 17 октомври, во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле. МВР почна внатрешна истрага за утврдување на фактите, имајќи предвид дека вибер групи или графички прикази од вибер групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого, и имајќи предвид дека до МВР не е пристигната ниту една пријава од граѓанин за дејствија во Прилеп на денот на изборите какви што беа презентирани на прес – конференцијата. МВР е гарант за сите слободни избори од 2017 до денес и тоа ќе продолжи да биде и понатаму, наведе МВР во соопштението.
И СДСМ вчера на прес-конференција обвини дека на оние места каде победиле кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг, се вршат закани и притисоци врз граѓаните.
– Граѓаните сведочат дека во општините каде победија кандидати на ВМРО-ДПМНЕ, почнале да прават списоци на луѓе кои се членови или поддржувачи на СДСМ, со најави за некакви наводни одмазди, нагласи на прес-конференција пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска.

МИА