ЕМА тестира нов лек против ковид-19 – ММС
ММС

Објавено на: 10/25/21 3:16 PM

ЕМА тестира нов лек против ковид-19

Европската агенција за лекови (ЕМА) започна забрзана евалуација на оралниот антивирусен лек молнупиравир (Lagevrio) наменет за лечење на ковид-19 кај возрасните. Третманот го разви американската фармацевтска компанија Merik Sharp & Dom, а проценката од страна на ЕУ Агенцијата почна откако беа објавени резултати од студија која укажува дека овој лек може да ја намали способноста на ковид-19 да се размножува во телото, со што се спречува хоспитализација или смрт кај пациентите со корона.

Од Агенцијата наведуваат дека ќе прават проценка во однос на тоа дали лекот соодветствува со ЕУ стандардите за ефикасност, сигурност и квалитет. Од ЕМА нагласуваат дека вакцинацијата е најдобар начин за да заврши пандемијата и да се вратиме во нормала, но дека паралелно со тоа, потребна е достапност до најдобрите лекови против ковид-19 за лекување на заразените. По тој повод Европската комисија денеска објави дека во своето портфолио за третман за ковид-19 вклучила и 10 потенцијални лекови кои би требало да ги поминат проценките на ЕМА.

На списокот има и три третмани со антитела и орални лекови кои се користат во раните фази на инфекцијата и четири имуностимулатори за лекување на хоспитализираните. Се очекува до крајот на годината, ЕМА да одобри уште пет третмани за лекување на инфицираните со коронавирусот.