Навидум забавна и безгрижна ноќ ќе донесе вистински преседан во животот на Зоран Јовановски од село Ангелци, Василево. На прагот на есента 1996-та година деветнаесетгодишниот војник од кафеана, наместо дома, па во касарната „Илинден“ ќе замине во болница, не претпоставувајќи дека неговиот живот засекогаш ќе се смени. Оттогаш Зоки е во инвалидска количка и со своите спортски подзвизи е вистинска инспирација за сите, a со приказната која ја испишуваат со сопругата Жулиета се доказ дека со љубов и трпение се постигнува сѐ.
Македонски медиа сервис ви ја носи инспиративната животна приказна на Зоран Јовановски, испреплетена со многу премрежја и уште повеќе лекции.
„Служев војска во касарната „Илинден“ во Скопје и додека бев на редовно отсуство во моето село решив да отидам во кафеана. Тоа беше вечерта пред да се вратам назад во Скопје, но распеаната ноќ се претвори во инцидент кога дел од гостите се степаа. Насилството во кое јас воопшто и не учествував сепак остави трајни последици врз мене и од таа кавга на лица кои ми беа сосема непознати, токму јас го извлеков подебелиот крај“.
Вака ја почнува својата приказна Зоран Јовановски (44) од село Ангелци која од 1996-та година животот го поминува во инвалидска количка, поради испукан куршум во кафеаната каде решил да се забавува со своите пријатели, а кој завршил во неговиот ‘рбет. Од таму тој бил упатен во Скопје, но наместо да продолжи со служењето војска, морал да помине вкупно 49 дена во болницата „ * Септември“, па во „Свети Еразмо“ во Охрид. Безмалку една година бил врзан за кревет, но токму од таму стекнал многу искрени пријателства со луѓе кои му помогнале полесно да ја прифати состојбата. Пријателството со еден од пациентите подоцна ќе го однесе до младата Жулиета, со која ќе се заколнат на вечна љубов.
„Тогаш почнав да комуницирам со многу млади во слична состојба и некако заедно ја прифативме. Тие исто така беа повредени, а 90 проценти од нив повредите ги добиле при сообраќајна незгода. Некои пак, беа со повреден врат при скок во вода. Влегуваш во друг свет кога стануваш инвалид. Во болницата имаше повеќе инвалиди. Ги гледаш нив и сакаш – не сакаш, прифаќаш дека си дел од нив, нема друг начин. Докторите ја кажаа вистината и требаше да ја прифатам бидејќи знаев дека со тоа ќе мора да живеам“, вели Зоки.
Тој додава дека кога заминал дома, условите не биле прилагодени на неговата нова состојба, па постепено морал да ги создава. Седум години подоцна во Банско близу Струмица тој решил да се сретне со пријател којшто го запознал токму за време на деновите поминати во болница. Пријателот на Зоки пак, имал познаничка од Струмица, која исто така дошла таму. Така, Жулиета која има церебрална парализа и Зоки почнале да се дружат, пред сѐ поради блиските места на живеење.
„Кога се запознавме јас бев 26, а таа 23 години. Направивме „армас“, односно веридба и потоа свадба. Јас всушност и не сум многу по некои гломазни прослави, но нашата свадба испадна баш таква бидејќи сме голема фамилија. Имаше околу 350 луѓе на нашата свадба, поканивме и колеги од работа, комшии, другари“, се сеќава Зоран.
Вели дека дома ако немаш слога, сѐ е џабе. А неговата мајка се буди прва, па прави кафе за него и Жулиета.
-Мајка ми кафе ни прави, сака-нејќе мора да ја сака снаата, не може да се гледаат „на криво“ – посочува тој.
Зоран и Жулиета често патуваат, шетаат и во земјава и надвор од неа. За таа цел, тој го приспособил својот автомобил кој има рачни команди, но сепак тоа прашање не е формално решено за лицата со попреченост, туку тие мора сами да се снаоѓаат.
„Возам приспособен автомобил со рачни команди. Жулиета не вози, јас возам, каде и да одииме, одиме двајцата заедно – Грција, Албанија, Бугарија“, вели Зоран.
„Во Македонија нема инструктор, нема ни кој да ти направи команди, мора сам да се снаоѓаш за да ги направиш. Ти ќе ги направиш, па потоа треба А тест. Треба да се прават команди, а нема каде. Мене ми ги направи дреар од Ињево, тој ми направи на двете коли. Двете команди ме чинеа околу 1.800 евра. Многу е голема процедурата“, додава тој.
Зоран ни раскажа дека полагал со својот автомобил, а со него ги возел и часовите. За разлика од овде, во развиените европски земји има надлежна институција која го приспособува автомобилот на потребите на возачот.
„Мојата кола е приспособена за моите повреди, но на лица кои немаат стисок на раката им требаат други команди. Се прават според степенот на инвалидност на лицето кое сака да управува моторно возило, а нам нема кој да ни направи. Во Германија, во Италија на пример, тоа е добро регулирано“, смета Зоки.
Со патувањата тој можел да посведочи и на ситуацијата со паркингот за лицата со инвалидитет, која е многу подобра во земјите од регионот, наместо овде.
„Прво треба да се регулира паркинг просторот за инвалидни лица, пред сѐ во Скопје како метропола. Ние што сме инвалидни лица и што доаѓаме од други градови за да одиме во болница, плаќаме паркинг. Значи одам на аеродром, исто плаќам паркинг. Каде и да одам плаќам паркинг. Со истиот автомобил одам во Грција, паркирам на аеродром и не плаќам. Во Солун каде и да паркирам на паркинг за инвалидни лица, не плаќам. Значи надвор од сопствената држава не плаќам. Исто е и во Бугарија, јас го оставам возилото и не плаќам. Во Грција десет дена бев паркиран и никој не дојде ништо да ме праша, а и никој на тој паркинг не се паркира, нема злоупотреба иако не се плаќа. А во Струмица во центарот никогаш не може инвалидно лице да паркира на паркингот кој е зафатен од лица кои не се инвалидни“, раскажува Зоки.
Со автомобилот одат на одмор секое лето, но вели дека со Жулиета сакаат да одат и на планина. Неговата сопруга не е толку авантурист како него, па додека тој скија, таа пие чај.
„Се обучив да скијам преку еден другар, тој скијаше. Имаше проект во Маврово каде што беа дојдени Англичани обучувачи и над 30 години работат исклучиво со лица со попреченост. Тоа се специјални скии. Јас почнав на Маврово и од таму отидов на Пампорово. Таму има школа која е обучена за инвалиди. Кога одам таму тие ми помагаат. Тоа се посебни скии, има седиште и скии, знаци специјализирани се. Жулиета не сака спорт, не и’ лежи спортот. Таа си седи сама надвор, пие чај. Јас кога одам пијам пиво за да не пијам магнезиум за мускулите да се опуштат“, ни раскажа Зоки додавајќи дека во Бугарија не плаќа ски карта, додека во Македонија имало ситуации во кои плаќал, како и ситуации во кои можела да скија бесплатно.
Неговиот дух очигледно е нескротлив, па освен со скијање се занимава и со атлетика. Сепак, вели дека ништо не му прави толку ќеиф како учеството на маратони. Токму по неговото учество на Скопскиот маратој тој и’ стана познат на македонската јавност, откако беа објавени фотографии од неговото натпреварување во количка.
„Маратонот е најтешка дисциплина што постои, важно е да го завршиш маратонот, тоа е нешто што ми прави најмногу кеиф по атлетиката. Првпат се пријавив во Белград, но таму моите пријатели од Србија не можеа да издржат и возевме само ревијално пет километри. Потоа се пријавив на полумаратон во Скопје и веднаш другата година на маратон. Возев три маратони по ред во Скопје, и првпат полумаратон. Вкупно четири години. Од Белград ми дојде желбата за маратон, тоа не се опишува со зборови, треба да се доживее“, раскажува Зоки, додавајќи дека неговото семејство однапред знаело дека тој ќе успее.
„Веруваа дека ќе успеам. Отидов да се пријавам и ми рекоа, ќе успееш и крај“, истакнува тој.
Сепак, вели дека меѓу некои од учесниците имало скептицизам во однос на тоа дали ќе успее.
„Јас кога почнав да го возам маратонот, другите што се пријавуваа ме прашуваа дали ќе издржам. Јас велев не знам, ќе пробам, и на крај јас го издржував, а тие не. Сега им велам на луѓето да не се чудат што ме гледаат во инвалидска количка, бидејќи секогаш до целта ќе стигнам пред нив. Самите луѓе кои ти аплаудираат, те бодрат да го завршиш маратонот. Таму нема партија, нема вера. Поддршка имам од мајка ми, од браќата. Имам двајца браќа, четири внуци од нив. Жена ми има една сестра и две внучиња“, посочува Јовановски.
Тој и Жулиета обожуваат да се дружат со своите пријатели во Струмица, која им е на шест километри од местото каде што живеат.
-Жулиета се пресели од град во село, вели арно и’ е. Струмица ни е блиску и често одиме таму, скоро секој ден. Имаме пријатели таму, одиме во пицерии, во кафеани. Сакаме да се дружиме – додава тој, иако како што вели, уживаат да бидат и во својот хармоничен дом каде имаат неколку мачки и едно куче.
Во моментот, Зоки има инвалидска пензија, а до пред неколку години бил ортак со еден свој пријател со кого имале такси компанијата. Сепак според него, времето си го направило своето, па како што луѓето почнале да купуваат свои автомобили, така работата почнала да се намалува и тие морале да ја затворат компанијата. Во меѓувреме, тој наоѓа креативни начини за да го пополни своето време па оди на спортски натпревари и во Србија, Словенија и Босна и Херцеговина наменети за лица со попречености, а кои се вистинска можност за стекнување пријатели на долг рок.
За случајот со куршумот кој завршил во неговото тело, никој не одговарал, но од тој 18-ти септеврми 1996-та, Зоран Јовановски е пример за издржливост и упорност, кој од своја гледна точка укажува како би можело да им се помогне на лицата кои се здобиле со трајни повреди.
„Мое мислење е дека треба да се направи центар за лица кои се повредуваат, со цел да се рехабилитираат. Од здрав живот кога ќе паднеш, треба да има центар за рехабилитација со што тие ќе излезат на прав пат и ќе може да живеат во ова општество“, порачува Зоран кој бил меѓу најдобрите сениори во пинг-понг, испишувајќи успеси и во фрлање ѓуле, диск и копје.
Вања Мицевска