Идните градоначалници на писмено ветија дека ќе се грижат за лицата со попреченост – Декларацијата ја потпишале повеќе од 25 кандидати – ММС
ММС

Објавено на: 10/25/21 1:30 PM

Идните градоначалници на писмено ветија дека ќе се грижат за лицата со попреченост – Декларацијата ја потпишале повеќе од 25 кандидати

Маргарита Милошеска од Гостивар, мајка на девојче со церебрална парализа и координатор на Ресурсен центар покрена интересна иницијатива со која бараше од сите кандидати за градоначалници да потпишат декларација со која се обврзуваат дека ќе го слушнат гласот на заедницата на лицата со попреченост и гласот на нивните родители.

Пред вториот круг на локалните избори закажан за в недела, досега се потпишале повеќе 20 кандидати за градоначалници, без разлика дали биле избрани.

Досега се потпишаа Коста Костадинов (СДСМ, Струмица), Арбен Таравари (Алијанса, Гостивар), Невзат Бејта (ДУИ, Гостивар), Рената Елези (ПДП, Гостивар), Борче Јовчески (ВМРО-ДПМНЕ, Прилеп), Росанда Маркоска (ТМОРО, Кисела Вода), Ненад Коциќ (СДСМ, Велес), Марко Колев (ВМРО-ДПМНЕ, Велес), Кирил Пецаков (ВМРО, Охрид), Константин Георгиески (СДСМ, Охрид), Стојанчо Радически (ВМРО, Брвеница), Дејан Владев (ВМРО, Свети Николе), Митко Јанчев (ВМРО, Кавадарци), Горан Стојанов (ВМРО, Неготино), Тони Делков (СДСМ, Неготино), Тони Михајловски (ВМРО, Куманово), Томе Христоски (СДСМ, Крушево), Билјана Проевска (ВМРО, Крушево).  Дополнително, се потпишале и кандидати за градоначалник од Левица: Александар Димитриевиќ (Ѓорче Петров), Златко Арсов (Велес), Јулијана Штркоска Колариќ (Кисела Вода), Весна Кираџиева (Аеродром), Дарко Ристоски (Карпош), Андреа Јанков (Центар).

Изминативе денови Ресурниот центар се сретнал и со Данела Арсовска, независен кандидат за градоначалник за Град Скопје со која имале конструктивен разговор.

– Со Данела имавме убав разговор и ни вети многу. Рече дека ќе ја потпише декларацијата првиот ден после изборите, доколку добие мандат. Со актуелниот градоначалник Петре Шилегов имаме закажана средба в среда во 13 часот и се надеваме на уште еден позитивен одговор – истакна Маргарита Милошеска од Ресурсен Центар.

Маргарита, која летоска ексклузивно за ММС во видео-приказна ги отвори вратите на својот дом и покажа како живее самохран родител на дете со посебни потреби бара поддршка од политичарите за достоинствен живот на овие лица. Декларацијата бара од кандидатите кои ќе станат градоначалници во текот на првите шест месеци од мандатот, општините под нивно водство ќе изготват социјален план и ќе ги евидентираат сите лица со попреченост, со посебен осврт на нивните потреби, вештини и знаења со цел нивна инклузија и социјализација.

О.К.

фото: В. Тануровски