Весна Кожинкова – Карагунова на чело на штипскиот Совет се очекуваат смени и во училиштата – ММС
ММС

Објавено на: 10/25/21 1:26 PM

Весна Кожинкова – Карагунова на чело на штипскиот Совет се очекуваат смени и во училиштата

Новиот градоначалник на Штип, Иван Јорданов денеска влезе во градоначалничкиот кабинет, додека на формирањето на Советот на општината, каде мнозинството го има партијата на Јорданов, ВМРО ДПМНЕ, ќе се почека уште некој ден. Течат роковите за жалбената постапка, откако во саботата Државната изборна комисија (ДИК) одби четири приговори на Левица за гласањето за советничките листи. Ако поинаку не одлучи Управниот суд, во штипскиот Совет ќе работат 13 советници од ВМРО ДПМНЕ, кои го сочинуваат мнозинството, 9 од коалицијата на СДСМ и еден советник од Левица.

Според најавите, професорката по македонски јазик во гимназијата „Славчо Стојменски“,  Весна Кожинкова – Карагунова, ќе биде предложена за нов претседател на Советот. Многу брзо се очекуваат промени и во општинските институции. Јавното претпријатие „Исар“ во моментов е без директор, откако в.д. директорот Здравко Коцев најави дека си заминува од таму уште минатата недела. За нови директор се вртат две имиња – на Трајче Здравков, кој е внатрешно решение и на Вишна Шорова – Ангелова, која е вработена во Општината Штип.

Новиот градоначалник Јорданов, во брифингот со новинарите по влегувањето во кабинетот не сакаше да зборува за имиња на директори, со образложение дека тоа ќе се решава деновиве. Како што рече, на некои од директорите им завршува мандатот, додека некои веќе најавиле дека сами ќе се повлечат. На директорите на дел од основните училишта наскоро им завршува мандатот, како и на директорот на СОУ „Коле Нехтенин“,  додека во гимназијата на средното текстилно училиште директорите се на почеток на мандатот. И овде Јорданов не сакаше да сподели имиња на нови директори.

За евентуалната идна улога на поранешниот градоначалник Илчо Захариев, кој максимално го поддржа Јорданов во кампањата, не се очекува да игра позначајна улога во градоначалничкиот кабинет, туку ќе биде дел од Советот на градоначалници. Иван Јорданов најави дека ќе формира советодавно тело од досегашните градоначалници, независно дали се од неговата партија или од СДСМ.

Што се однесува до започнатите работи на претходното општинско раководство, Јорданов рече дека уште денеска ќе направи увид. Се работи за почнати градежни работи на улиците „Панче Караѓозов“ и „Личка“, конзолите на река Отиња во центарот на градот, градежни работи во населбата „8 Ноември“ и „Баби“. Тоа што е започнато ќе се заврши, најави.

Дали ќе има ревизија на работењето на претходните двајца градоначалници од СДСМ, кои заедно завршија еден мандат, Јорданов рече дека е нормално да се направи преглед на финансиското работење, без да прецизира детали.

Новиот градоначалник уште на скалите од општинската зграда беше дочекан со цвеќе и аплаузи од сопартијците. Повеќегодишни членови, поранешни раководители и директори во општината и општинските институции беа меѓу насобраните. Јорданов рече дека кабинетот со најблиските соработници, ќе биде пополнет со некои од сегашните вработени во администрацијата.

Иако беше најавено, денеска немаше примопредавање на градоначалничката функција. Како што беше неофицијално кажано, Сашко Николов, не бил информиран, ниту поканет за настанот. Беше споменато дека примопредавањето ќе се случи во среда. Јорданов, сепак, во меѓувреме ќе работи, бидејќи како што кажа, со издавањето на уверението за градоначалник и официјално е на работа.