(Видео) Браќа и сестри, ќе бидеме сервис и слуги на нашите сограѓани – Иван Јорданов седна во градоначалничката фотеља во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 10/25/21 12:06 PM

(Видео) Браќа и сестри, ќе бидеме сервис и слуги на нашите сограѓани – Иван Јорданов седна во градоначалничката фотеља во Штип

Утрово новиот градоначалник на Штип, Иван Јорданов и официјално седна во градоначалничката фотеља. Неговото доаѓање во општинската зграда беше проследено со пречек на неговите сопартијци од ВМРО ДПМНЕ, кои со аплауз го поздравија. Пред да влезе во просториите на општинската зграда тој на присутните им рече:

-Браќа и сестри, вратите на општината за сите наши сограѓани и за жителите на општина Штип од денес ќе бидат широко отворени и се надевам дека ќе дадеме се од себе за да ја оправдаме оваа голема победа и поддршка од сите наши сограѓани. Ќе бидеме сервис и слуги на нашите сограѓани и дека сето она што го имаме ветено со многу љубов, енергија и желба ќе го завршиме. Работата на локалната самоуправа од денес официјално започнува и  со Господ напред јас сум убеден дека ќе ја оправдаме довербата заеднички да создадеме нова иднина за Штип и за сите наши сограѓани, рече Јорданов.

Тој пред медиумите рече дека ќе склучи коалиција со народот и се надева дека граѓаните ја препознале новата иднина и ќе создадат вредности за гордост.

-Од денес официјално институциите под локална самоуправа ќе служат на сограѓаните. Ќе се зафатиме со реорганизација на институциите под локална самоуправа и да ги довршиме започнатите проекти кои со месеци чекаат да бидат реализирани. Граѓаните треба да ја вратат довербата, рече тој.

Во наредните денови ќе се искомуницира со актуелните директори, но ќе понуди и свои кадри и редовно и секојдневно да се обавуваат задачите, за да се подобри функционалноста. Имињата на нови директори, рече тој, се уште се шпекулации.

– Наша обврска е да служиме и во текот на наредните денови ќе направиме анализи и ќе донесеме одлука, рече тој.

На прашање на ММС со што најпрво ќе се зафати за работа, Јорданов рече:

-Денес ќе направам увид на започнатите проекти и одблизу ќе се осознам со состојбите на терен. Се надевам дека ќе направиме позитивен исчекор и што поскоро ќе бидат реализирани сите проекти, рече тој.

Во однос на отпуштање на вработени поради партиската припадност тој рече дека сите вработени треба да бидат сервис на граѓаните, на тоа се обврзале и со  тоа ќе работат наредните четири години.

(В.К.)