Ќе нема кој да ни каже ако доаѓа потоп – Со д-р Владо Спиридонов за недостиг од метеоролози и нова опрема – ММС
ММС

Објавено на: 10/26/21 10:10 AM

Ќе нема кој да ни каже ако доаѓа потоп – Со д-р Владо Спиридонов за недостиг од метеоролози и нова опрема

Еден професор и еден студент. Тоа е моменталниот биланс на студиите по геофизика и метеорологија при Природно математичкиот факултет во Скопје, ПМФ, за оваа учебна година. Очигледно, ниту Владата, ниту надлежните институции досега не ја сфатија и не ја сфаќаат сериозноста од потребата на вакви кадри. А, многу метеоролози ѝ се потребни на државата. Временските пореметување и драстичните климатски промени се се почести и се понепредвидливи, секоја година ни се случуваат шумски пожари, поплави, екстремно високи или ниски температури, бури, силни дождови, суши… појави кои ќе ги има се повеќе во иднина со се пострашни последици за еко системите и животот на луѓето.
„Мора да се инвестира во развојот на метеорологијата, технички и кадровски. Мора да имаме точни и навремени податоци за климатските промени и стратегија за спас на еко системите од кои зависи животот на луѓето. Неопходен е навремен аларм за да не се случат несакани последици, често и по цена на човечки живот. Наместо отпосле да се плаќаат огромни суми за надомест на разни штети од невреме…“, вели професорот по метеорологија и физика на атмосфера при ПМФ, д-р Владо Спиридонов, кој подготви и Визија за развој на меорологијата во Македонија.

Тој додава дека, според Светската метеоролошка организација, СМО, чии членки сме и ние, еден долар вложен во развојот на национални метеоролошки сервиси и во едуциран кадар по метеорологија и хидрологија, враќа 9 долари. Или со други зборови,  вложувањето во технологијата и во кадрите е многу поевтино и поисплатливо за државата, отколку да се плаќа потоа за последиците од штетите.
„Во државава подолго време нема доволно специјализирани, високообразовани кадри-метеоролози, ниту пак оваа област е дел од средното образование. Оние кои веќе работат, во најголем дел се школувани надвор од земјава. Моменталната кадровска слика во Управата за хидрометеоролошки работи, УХМР, како и во општините, воопшто не задоволува. Голем број од стручните кадри кои се школуваа во други земји, или се веќе во пензија или се пред пензија, а нема соодветни кадри кои ќе ги заменат. За помалку од 5 години повторно ќе има одлив на неколку магистри и дипломирани метеоролози, хидролози и друг специјалистички и средно-технички кадар, па постои загриженост набргу да останеме без експерти и набљудувачи за следење на времето, водите и климата, а со тоа и без точна временска и хидро прогноза и преземање навремени мерки за несакани последици“, вели Спиридонов.

Мора да се подобрат капацитетите и сите заедничи да работат на овој проблем, во смисла да се доедуцираат постојните вработени, да се организираат курсеви за набљудувачи, да се вклучат други факултетски кадри, како физичари и слично, препорачува тој. За жал, досега нема соодветна реакција и соработка, како од надлежните институции, така и од приватниот сектор за овој проблем кој сите подеднакво ги засега, граѓаните, компаниите, институциите, авиокомпаниите, здравствениот, земјоделскиот сектор, транспортот… сите тие имаат потреба од точна и навремена временска прогноза и треба постојано да ги користат услугите од метеоролошкиот сервис.
До 90-те години од минатиот век, имало поголем интерес кај младите за запишување на факултетот за метеорологија, дополнително, тогашните СИЗ-ови (самоуправни интересни заедници) финансираа вакви студии, а имаше и визитинг професори од Белград. Во текот на изминатите години овој факултет се одржуваше со мал број на студенти, а во изминатите две години беше целосно замрен. Спиридонов вели дека, во последниве месеци се прават активни напори, младите да се привлечат со разни информации преку социјалните мрежи и промоција на нови, атрактивни теоретски и практични програми за нови димензии знаења.
Само две мерни станици со застарена технологија


Во светот постојат современи радарски техники со кои може да се алармира за вонредни временски ситуации, 48 часа однапред, па дури и за 2-3 часа. С. Македонија веќе има долгогодишна соработка со европската метеоролошка сателитска организација, ЕУМЕТСАТ, од каде црпи бесплатни сателитски податоци за временска прогноза и појави. Во државата има два постари радара (Тополчани и Ѓуриште)  од каде се мери и следи времето и кои досега само се одржуваат и надградуваат. Неопходно е да се набават нови радари заради подобра покриеност на атмосферата, мерења и проценки на временските прилики. Како што вели Спиридонов, неопходи се инвестиции во мрежата за автоматски метеоролошки и хидролошки станици, стандардизација на мерења и лабораторија за квалитет за водата, калибрација на инструментите и слично.

Маја Томиќ

Фото: Вангел Тануровски