И за време на корона-кризата „фрчеле“ казни од пазарните инспектори за компаниите. За година и пол, биле казнети над 3.700 фирми кои за прекршоците требало да платат над 21 милион евра – покажуваат извештаите за работата на Државниот пазарен инспекторат за лани и за шест месеци од годинава. За година и пол пазарните инспектори ставиле пломба на 259 објекти. Лани биле затворени вкупно 238 компании, а од јануари до јуни годинава 121 фирма. А „фрчеле“ и кривични пријави. Така лани биле поднесени 171 кривична пријава, а за шесте месеци од годинава само 2.
Извештајот покажува дека за шест месеци од годинава инспекторите казниле 1.667 фирми и издале прекршочни платни налози вредни 10,2 милиони евра. Но, наплатата била лоша, па биле платени само 134.034 евра од 338 субјекти.
Лани пак исто во период на корона-кризтаа кога инспекторите во голем дел исто како и годинава контролираа и дали се спроведуваат протоколите за заштита од Ковид 19 донесени од Владата, биле издадени 2.074 прекршочни платни налози вредни 10,9 милиони евра. А биле наплатени само 421 налог во вредност од 90.000 евра.
Податоците од Извештајот покажуваат дека годинава најмногу не се почитувале правилата во Скопје, Куманово, Тетово, Охрид, Битола, Гостивар. Битола е рекордер по бројот на прекршоци, биле издадени вкупно 373 прекршочни платни налози вредни 1,67 милиони евра, а наплатени биле само 54 налози во вредност од 12.314 евра. Во Тетово, пак, биле казнети 265 комнпании, кои по прекршочни платни налози од инспекторите требало да платат 1,8 милиони евра, а само 52 фирми си ги платиле казните во висина од 14.296 евра. Во Скопје биле издадени 254 прекршочни платни налози вредни 403.000 евра, а наплатени 124 во вредност од 67.000 евра. Додека, пак, Куманово исто како и Тетово се рекордери по висината на казните. Дури 173 платни налози имале Кумановци, во висина како тие во Тетово , или требало да платат исто 1,8 милиони евра. Но, во Куманово само 10 компании ги платиле казните во износ од само 2.183 евра.
Извештајот покажува дека за шесте месеци од годинава инспекторите имале 88.498 контроли дали се спроведуваат протоколите и одлуките на Владата за заштита од Ковид 19.
(А.С.)