Треба да си имате матичен пчелар исто како матичен лекар, без пчелите нема живот – Пчеларите од тетовско загрижени – ММС
ММС

Објавено на: 10/25/21 8:00 AM

Треба да си имате матичен пчелар исто како матичен лекар, без пчелите нема живот – Пчеларите од тетовско загрижени

Климатските промени нанесуваат најтешки удари на пчеларите, но голем дел од нив не се откажуваат од оваа дејност, оти, како што велат, без пчелите нема живот, се зависи од нив, цело земјоделие, храната, односно опстанокот за човекот.

Пчеларот Владимир Петровски од Тетово, кој воедно е и претседател на Здружението Полошки мед, вели дека освен од природата, на удар пчеларите се и од нелојалната конкуренција.

-Нема спас од климатските промени, но мора да се едуцираме. На пример ако порано на есен мирувавме сега не мируваме, значи зборам за пчелите, тие на есен не мируваат. Исто имаме проблеми со прскање со инсектициди, дека колегите земјоделци ги користат тие инсектициди. Значи мора да се внимава на пчеларството, особено земјоделците, дека 80 проценти од запрашувањето на секој земјоделски производ го вршат пчелите, да на се тие нема земјоделие. Сигурно нема земјоделците да одат од производ на производ да вршат опрашување, рече Владимир Петровски претседател на здружението Полошки мед.

Медот може да биде една од најдоходовните гранки особено за помладите, велат експертите. Се работи за поднебје кое има одлични географски услови, богата природа, а има и недопрена.  Македонија, но и многу други земји од балканот не можат да се пофалат со индустрија, но затоа може да се оди напред со квалитетна храна пред се органска, а во конкретниов случај не се работи за храна, туку за лек.

– -Мора тука во Македонија повеќе да се ангажираат државните структури да го помогнат овој натпревар, дека самите пчелари не можат да го издржат овој финансиски терет. Дека секој натпревар како овој во Тетово е чиста промоција на медот и потикнување на младите да се занимаваат со пчеларство за нивно вработување. Тие треба да се потикнуваат да се одржуваат курсеви за пчеларството, тоа е она што е потребно, сепак ние постарите да се тргнеме на страна, а тие да имаат работно место. Ние не можеме да произведуваме авиони, но сепак можеме да живееме од природата, треба да сватиме дека храната и водата е најважна и таа е најскапа, а медот е тука и солидна му е цената, но сепак треба владата да помогне со субвенции со кошници и слично, вели Слободан Јефтиќ Меѓународен експерт од Србија, кој секоја година учествува како судија во оценувањето на квалитетот на македонскиот мед на Меѓународниот наптревар за квалитет на мед кој се одржува во Тетово.

Учесниците на натпреварот апелираа луѓето да внимаваат кога го купуваат овој производ. Исто како да бараат лекар и како кога да одат на лекар, така треба да се третира овој производ.

-Пчеларите имаат една благородна мисија да ги спасат пчелите, мора да ги прехрануваат кога собираат мед, имаме тешки услови и извор за прехрана на пчелите како медлика  и слично. Порано сме имале 20 килограми од едно пчелно семејство, а сега има околу 5 килограми. Секогаш треба да се купува мед од познат пчелар, значи да си имаме матичен пчелар, тоа е како кога имаме матичен доктор, матичен заболекар, на кој што му веруваме така треба да имаме матичен пчелар. Се што е во маркети и е евтино, тоа а репер за неквалтиетен мед, дека нема некој што би продавал мед за двојно пониска цена, истакна Хрисула Кипријановска Универзитетски професор на факултетот за земјоделство при Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје,која како судија учествуваше на Меѓународниот натрпевар за квалитет на мед, чии победници ќе се знаат наредниот месец откако дополнително ќе се направат анализи за органолептичките својства на дадените мостри од медот.

(З.Д.)