Полицајци блиски до СДСМ следеле членови на ВМРО-ДПМНЕ за време на изборната кампања. За ова денеска обвинија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на информации од загрижени полицајци кои „не сакале да учествуваат повеќе во злосторничката група“.
Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, вели дека целта на оваа група полицајци била физичко малтретирање и попречување на слободата на движење на луѓе кои не се од СДСМ.
„Групата од над четириесетина полицајци се координирала на апликацијата вибер. Во таа група именувана „ХХХ“ според она што досега го идентификувавме има началници, полициски командири и полицајци во улога на партиски извршители. Во групата членувале и командирот на ОВР Прилеп – Дарко Цуцулоски, заменикот командир – Ванеса Колашинац, началникот на НККР Прилеп – Емилија Велкоска, како и Кире Китаноски кој е личен шофер на советникот на министерот Спасовски – Оливер Лукароски, кој според конверзацијата во групата е главниот налогодавец“ – вели Ковачки.
Додека Ковачки зборува, позади него се дел од пораките споделени во вибер групата, но тој и цитираше дел од нив.
„Цитирам една од пораките – Вчера во 19 часот на ул Кеј 19-ти септември пред зградата на зоолошката, втора зграда, тојота црн џип ПП 0200 во кој седеше Борче Јовчески, во возилото седеше со УПС Мики Чадамов кој му предаваше список, односно документи“ – рече Ковачки објаснувајќи дека овој дел од конверзацијата открива дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, сега веќе избран градоначалник, бил следен од полицијата за партиски цели на СДСМ.
Ковачки цитираше и дел од брифинзите, а потенцира и оти биле давани насоки и се договарани и физички пресметки како и закани по живот за прилепчани.
Ова според него е доказ за злоупотреба на полициските овластувања и го повика ЈО да отвори случај против Заев, Спасовски и Николовски како одговорни во МВР и СДСМ.