Познати музички рефрени прозвучија вечерва под ведро небо во Скопје. Преку музиката, лицата со даунов синдром испратија порака дека сакаат да се занимаваат со уметност и дека со многу труд може да се биде квалитетен во сѐ што се прави. Првиот инклузивен хор при Здружението на лица со даунов синдром „ТРИСОМИЈА 21“ приреди автентичен настан за скопјани, со изведба на македонски народни песни, но и на забавна музика од 80-тите години.
„Овој настан се наметна како потреба за време на короната, односно не можевме да работиме во живо, а претходно правевме претстави. Ова се лица со специфичности во развојот, имаат потреба од допир и тоа беше многу тешко затоа што и допирот ни беше ограничен, па некако песната ни беше нешто најдопирливо. Ни ја допираше душата за да можеме да се чуеме и преку тоа да обработиме еден репертоар на песни кои со долгите вокали ќе ни помогнат ем за дикција, ем за израз, ем за интегрираност во општеството, ем да учиме преку игра. Песните одбравме да бидат со доза на сериозност“, објасни за ММС, Билјана Димитрова од „ТРИСОМИЈА 21“.
Всушност, под нејзино водство е подготвено сѐ што вечерва можеше да се види во рамките на настанот на овој инклузивен хор, кој уживаше пеејќи во придружба на гитара.
На неколку пати запеа и публиката, а радоста кај членовите на хорот несомнено беше огромна. Димитрова вели дека токму тоа е и најголема мотивација за неа.
„Имаме некој ограничен односно специфичен дијапазон на зборови, ние комплетно се разбираме и можеме сѐ да си кажеме, тие на мене и јас на нив. Морам да признаам дека ги држам строго, нема попуштање баш поради тоа што се специфични. Ги терам да работат двојно за да покажат дека можат да бидат квалитетни во она што ќе го дадат. Сѐ зависи од она што ни е на располагање. Можеме да бидеме професионални во она што го работиме без разлика што ги немаме ресурсите кои на другите им се на располагање“, истакна Билјана.
Ја прашавме дали преку уметноста сакаат да ја зголемат свеста за инклузијата на лицата со даунов синдром, на што таа одговори дека тоа е и основната цел, иако свеста се’ повеќе расте.
„Има некои негативни појави во општеството, но со инклузивното образование, со доста проекти и кампањи се зголемува видливоста на специфичностите, на различностите и расте свеста дека сите се убави. Не е на она ниво на коешто беше пред неколку години“, додаде Димитрова.
Според неа, со настанот се испраќа порака дека и луѓето со попреченост може да имаат работа во уметноста и дека не мора таа да биде само нивно хоби.
„Оваа екипа доаѓа два пати неделно на проба по неколку часа , а за тоа родителите нивни треба да издвојат и време и средства. Другата порака која сакаме да ја испратиме е дека треба да се даде некаква системска поддршка за да се бават со дејноста која ќе ги унапреди нивните капацитети“, објасни Биле.
Оваа девојка која всушност е правник, а се занимава со алтернативна уметност балансира меѓу правото и учеството на независната сцена, но за волја на вистината како што вели и самата, родителите на децата со даунов синдром често мислат дека е преентузијастички настроена.
„Вечерва видов дека имам зелено светло од нив, но секако имав трема. Работник сум во културата, по професија сум правник. Мојата професија ја користам за да отвориме некои врати во општеството, познавањето на правото само ми помага да ги најдам празнините или да го толкувам истото. Работам во алтернативната уметност и култура. Ние сме комплетно самоодржливи, а овој проект беше делумно поддржан од Град Скопје. Ние нема да престанеме и веќе спремаме инклузивен филм базиран на приказната Алиса во земјата на чудата“, сподели Билјана.
Освен за напредок во уметноста, лицата со даунов синдром имаат и други желби и соништа. На пример, желбата на Оливер Блажевски (42) кој настапи вечерва, е некогаш да биде шанкер.
За ММС раскажа дека постојано слуша народни песни дома, а ги сака и песните на Тоше Проески и на Калиопи.
„Дома има весела атмосфера, имаме мало радио, па слушам народни песни“, ни изјави Оливер кој низ смеа раскажа дека знае да заигра и чочек на гласната музика.
-Јас ќе му речам Оли намали, но кога ќе излезам од соба повторно „трешти“ куќата-посочи неговата мајка Марица.
Оливер исто така, сака да прави и мозаици од исечоци од весник, а оди и на часови по танц.
„Таму се игра на диско музика, модерен балет, па и танго. Танго игра со Арта, таа е член на клубот и е со типичен развој, но е во тие инклузивни концерти и му е партнерка“, додаде мајка му на Оливер.
Тој сака да биде шанкер бидејќи смета дека би му било интересно да си го исполни денот правејќи кафе или служејќи пиво. За ММС раскажа дека тој сака да пие турско кафе и ужива кога го пие во друштво со својата мајка.
Кога веќе ќе биде дел од персоналот во некое кафуле, Оливер ни вети дека ќе направи вкусно кафе и за нас, а ние му посакуваме уште многу сценски уживања!
Вања Мицевска
Фото: Вангел Тануровски