Драма на балкон во Тетово: Пожарникари спасувале куче од трети кат, исплашени и станарите и кучето – ММС
ММС

Објавено на: 10/22/21 7:27 PM

Драма на балкон во Тетово: Пожарникари спасувале куче од трети кат, исплашени и станарите и кучето

Утринава кога излегле на балкон, семејството Блажевски се сретнало со невообичаен гостин – куче скитник. Блажевски прво се исплашиле, но потоа и се изненадиле како кучето успеало да влезе во нивниот стан кој се наоѓа на третиот кат од зградата и да се сокрие на балкон.

-За кратко забележавме дека стакларникот меѓу балконот и влезот од зградата е искршен, стаклото го искршило кучето и од нашиот влез се протнало и влегло на нашиот балкон од станот, кој се наоѓа на третиот кат од овој станбен објект. И цел ден стои тука во цвеќињата, не се помрднува. Иако се работи за стари и слаби прозорци, сепак, се чудиме како успеало да го искрши. Кучето е уплашено, се тресе постојано, но и ние сме уплашени. Се јавивме во полиција и во општината, сите ни велат – не сме надлежни, па затоа се обративме до вас медиумите, некако да ни се помогне, раскажуваат од семејството за ММС.

Кучето велат било неколку дена во зградата, седело во заедничка просторија на најгорниот кат од зградата. Претпоставуваат дека синоќа се симнало надолу и прибежиште нашло во еден од балконите на станарите.

-Синоќа тука на плоштадот имаше некоја прослава. Имаше голем огномет, силни звуци и претпоставуваме дека кучето се уплашило затоа што најгоре се слуша највеќе и нашло тука прибежуште, тука се симнало за да се сокрие, да се спаси, велат тие.

Бидејќи полицијата и општината се прогласиле за ненадлежни, екипата на ММС се јави во Територијална противпожарна единица за да побара помош за семејството. Како и досега што помагаа за вакви случаи, иако не се надлежни така и овој пат, командирот на единицата Ука Алити за десетина минути пристигна. Со јаже и посебен алат успеа за половина час кучето да го симне пред влезот. Се работеше за куче кое не е третирано, односно вакцинирано.

-Како што видовте кучето беше уплашено не сакаше да се помрдне од место, му дадовме малку храна, но едвај отвори уста, се работи за уплашено куче, кое на моменти покажуваше агресија, но за среќа на крај испадна како што треба. Моравме на моменти да го влечеме, не сакаше никако да го напушти балконот. Го извадиме преку собите од станот. Добро е што станарите се во ред, а кучето е неповредено. Секако, го пуштивме на улица, оти се работи за куче скитник, ни изјави командирот на ТППЕ Тетово Ука Алити.

Тој вели дека не е прв пат да интервенира во спасување на животни, оти таква служба во Општина Тетово нема, а мора да им се најдат на граѓаните во вакви ситуации.

Во Тетово со години не е решен проблемот со кучиња скитници, домови им се улиците и тревниците, а голем дел од нив не се третирани, папоради тоа се агресивни и често ги напаѓаат граѓаните. Но во овој случај прибежиште наоѓаат и во становите на тетовци, како непоканети гости.

(З.Д.)