Левица останува со еден советник во штипскиот Совет. Државната изборна комисија на вчерашната седница ги одби сите шест приговори на Левица поради како што констатира комисијата , не биле доставени материјални докази.
Штипскиот пратеник на Левица, Борислав Крмов, за ММС изјави дека нема да одат на Управен суд со што постапката завршува тука. Вториот советник, Левица го изгуби за само 27 гласа.
Тринаесет советници ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ-девет и Левица еден советник ќе биде конечниот состав на штипскиот Совет.
Овој советнички состав добива дури четворица лекари специјалисти, по двајца од советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Лекари беа и носители на советничките листи и на двете партии.
По лекарите, доминираат професорите и правниците , но има и машински и рударски инженер, бизнисмен, спортист, музичар.
Претседателот на ОИК, Виктор Вацев, вели дека откако ќе го добијат решението од ДИК, за конечно завршување на Локалните избори во Штип, ОИК ќе ги преземе активностите за издавање на решенија за советниците, по што ќе следува и конституирањето на Советот, а новиот градоначалник ќе ја преземе градоначалничката функција. Тоа може да се случи во текот на идната недела.
На Локалните избори што се одржаа во неделата,новиот градоначалник-Иван Јорданов освои 13.104 гласови. Во Штипскиот совет 11.692 гласови освои ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ доби 8506 и Левица 1773 гласа.