ЗНМ: Надлежните да реагираат за нападите врз новинари за време на изборниот процес – ММС
ММС

Објавено на: 10/22/21 1:33 PM

ЗНМ: Надлежните да реагираат за нападите врз новинари за време на изборниот процес

Повеќето инциденти врз новинарите кои се случија за време на последнава изборна кампања, потребно е да се истражат, а надлежните да преземат брзи, конкретни акции, за да не се повторат, апелира на денешната прес конференцијата Здруженито на новинари на Македонија, ЗНМ.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, побара итна реакција на Министерството за внатрешни работи (МВР), Државната изборна комисија (ДИК) и Основното јавно обвинителство (ОЈО).

„Изминативе денови и недели бевме сведоци на повеќекратни, тешки навреди, напади, вербални малтретирања, загрозување на интегритетот и безбедноста на новинарите. Изборниот процес донесе премногу емоции кои се преточија во неприфатлив однос на дел од политичките актери, учесници во изборите, кандидати, партиски експоненти и партиски активисти“, рече Чадиковски.

Тој соопшти дека се поднесени претставки до МВР и до ДИК за сите пријавени досегашни случувања поврзани со напади на новинарите во изборниот процес и дека ЗНМ апелира да се реагира брзо, како и да се почитува работата на новинарите, не само во процесот на предизборната кампања.

„ЗНМ регистрира потценувачки говор на претседателот на ДИК кон новинарки сред прес конференција, кон колеги фоторепортери и сниматели кои се пожалија на односот на дел од претседателите на општинските комисии на ДИК, кои јавниот простор го толкуваат како приватна сопственост. Други колеги новинари се пожалија за заканувачки тонови од политичари и експоненти на кампањите на партиите. Креираната атмосфера е предупредувачка и мора веднаш да престане“, велат од ЗНМ.

Се споменаа неколку инциденти каде новинарите беа дискредитирани и навредувани на партиски митинзи или собири од : Џумадије Ибраими од ТВ Клан, Салије Садику од ТВ 21, Ферикан Арифи од Еуроњуз и други. Тие ги повикаа институциите да реагираат навремено, за да нема повторување на вакви ситуации.