Во период од околу два месеца, од 06.08 до 21.10.2021 г., во земјава се регистрирани 42.945 граѓани позитивни на ковид-19. Од нив, 11.253 или 26 отсто биле целосно вакцинирани, а другите 31. 692 лица или 74 отсто од позитивните, не биле вакцинирани, соопшти Министерството за здравство.
Процентот на хоспитализирани, невакцинирани лица е поголем во однос на вакцинираните.
Според податоците на МЗ, во споменатиот период 76 отсто од хоспитализираните се невакцинирани, а 24 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани, односно имаат примено две дози вакцина против ковид-19.
Смртноста кај невакцинираните е поголема во однос на вакцинираните. Во период од 6 август до 21 октомври починале 1.506 лица со ковид-19, при што 1.246 пациенти, односно 83 отсто од починатите не биле вакцинирани, а 260, или 17 отсто примиле вакцина. Според анализите на МЗ, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.
МЗ објави и дека од 8 до 14 октомври вкупно починале 105 лица со ковид-19, од нив невакцинирани биле, исто така, 75 отсто, а 26 починати лица примиле две дози на вакцина. Само едно од овие 26 лица, кое било на возраст од 80 години, немало хронични заболувања.
Двајца од починатите пациенти биле вакцинирани со Фајзер, тројца со Астра Зенека, четири починати примиле Синовак, а 17 пациенти биле вакцинирани со Синофарм, информираат од Министерството за здравство.