Батали здравје, важна е политиката! Зошто има помалку вакцинирани отколку гласачи на локални избори? – ММС
ММС

Објавено на: 10/22/21 9:05 AM

Батали здравје, важна е политиката! Зошто има помалку вакцинирани отколку гласачи на локални избори?

Министерството за здравство тврди дека вакцинацијата се одвива со добро темпо, за многу брзо половина од граѓаните во земјава ќе бидат вакцинирани со најмалку една доза против ковид-19. Но, ниту ова темпо не може да ја стигне бројката од излезност на локалните избори. Излезноста на изборите за градоначалници и советници во 80 општини во Македонија беше 51,5 посто во првиот круг, односно толкав процент излегле да гласаат од граѓаните над 18 години кои имаат право на глас.

Ова е речиси два проценти повеќе од 49,4 отсто од населението над 18 години кое примило најмалку една доза на вакцина против ковид-19. Од ова може да се заклучи дека политичка кампања за три недели мобилизираше повеќе граѓани отколку владината кампања за заштита против ковид-19 и повикот за масовна мобилизација во последните шест месеци.

За прашањата зошто кампањата за вакцинацијата не го даде посакуваниот ефект и зошто луѓето и покрај намалувањето на излезноста, полесно се решаваат да гласаат отколку да се вакцинираат, за ММС зборуваше специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов.

– Важно е да константитаме дека има значајно намалување на бројот на гласови од 150-180 илјади гласови споредено со изборите од пред четири години. Тоа е знак дека се помалку луѓе се мотивирани за гласање. Црните кампањи и невложувањето во искрена комуникација се некои од причините за овој тренд. Што се однесува до вакцинацијата и зошто трендот оди на тој начин тоа е затоа што не се практикува позитивен наратив и храбрење на луѓето во целиот процес дека вакцинацијата не е нешто присилно, туку нешто што ги штити луѓето и нивното здравје. Кај нас се практикува метод на санкции кој од комуникациски аспект не може да ги даде посакуваните резултати. На долг рок овој метод ќе создаде проблеми затоа што никој не кажува дали оваа вакцинација е финалната или ќе треба трета или четврта доза. Само инклузивна комуникација во која граѓаните знаат дека од нив зависи и за нив се работи, не поради тоа што некој ги тера, може да има долгорочна доверба – објасни Кордалов.

Тој ги зема за пример западноевропските земји во кои вакцинацијата против ковид-19 достигна и до 80 проценти. Но, во овие земји мерките се научно базирани и не се воведени санкции.

– Кога некој чувствува дека вие го санкционирате, тогаш тој развива отпор. Во кампањата за избори ја заборавивме короната и многу ќе биде страшно ако после изборите и се вратиме на короната и почнеме да бомбардираме со негативни бројки. Ако сакаме висока бројка на вакцинација не треба да кажуваме дека само санкциите помогнале. Може да помогнат научни мерки, инклузивна комуникација и доверба дека граѓаните одлучуваат за своето здравје.  Комуникациски, не може да имате став „со санкција ги мотивирам луѓето“. Со санкција вие казнувате. Мотивирате со кампања, со комуникација и со превенција. Така функционира системот. Вакцината не треба да биде прашање на кавга со народ. Исто како на изборите кога викаат: „Вие сте зрели, од вас зависи сега“. Ова треба да го кажуваат и со ковидот. Не може сега народот за избори да е зрел за гласање, но после избори, да му речат дека “не сте зрели, не смеете ваму да влезете, сега ќе ве казнуваме“.  Што ако има трета доза, со камшик ќе се убедуваме? Светот вика, да, вакцинираните можат да влегуваат секаде, но не вика невакцинирате ќе ги казнам. Само викаат дека ќе биде потребно да докажат прележаност или да направат тест. Ние со позитивен тест лежиме дома и се лечиме од ковид-19, а со истиот тој тест не може да докажеш дека си негативен и да влезеш во трговски – додаде специјалистот за медиуми.

Кордалов порача дека треба да се верува во граѓаните, дека не може секогаш алиби да биде тоа “дека не ги бидува“ и дека тој став е на штета на целото општество кое се гради со свесни граѓани кои се информирани.

– Еве земете го пописот. Луѓето сфатија дека никој нема да ги тепа или да ги казнува и се попишаа. Затоа што кампањата на Државниот завод за статистика беше одлична. Секој ден се зборуваше позитивно од почеток до крај. На крај во една или две вести беа спомнати казни. Постојано ДЗС велеше дека илјада пати ќе влезе кај граѓаните за да ги убеди да се попишат. И, најважно, заводот беше транспарантен во целиот процес.

Тој има замерка што после година и пол од почетокот на пандемијата земјата нема дигитална платформа која во секој момент ќе покажува детали податоци за сите општини, било да се работи за вакцинирани, било за новозаразени.

– Министерството за здравство не ги дава сите информации. Дали вие знаете колку од околу 170.000 граѓани кои прележаа ковид се реинфицирани? Нема. Колку од денес новозаразените имаат примено каква вакцина? Немате. Да ве прашам, колку вакцини во моментов имаме и од кој производител? Ништо немаме.   Јас се надевам дека бројките нема да бидат предмет на толкување, туку постојано достапни за граѓаните. Не може медиумите да чекаат кога ќе реши институцијата да каже кога се високи бројките и кога се ниски. Најуспешна фаза од справувањето од пандемијата беше првата фаза кога информациите беа постојано на дланка во секој момент. После година и пол можеше една алатка една апликација да се направи за ковид-19. Мора јавноста да има информации, не може да се толкува – објасни Кордалов.

Орце Костов

фото: Вангел Тануровски