Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска повторно ги покани сите политички партии на обединување во нов блок за Македонија и во ново парламентарно мнозинство.
„Без разлика дали се леви, десни, центар, либерални или конзервативни, да ни се придружат во овој блок за Македонија и за сите нејзини луѓе. Да формираме едно ново парламентарно мнозинство, да ги засукаме ракавите и заедно со градоначалниците избрани во првиот круг, и оние кои ќе бидат избрани во втор круг, но и останатите кои не се дел од оваа коалиција, да работиме за сите граѓани“, изјави Мицкоски.
Во однос на соработка со Левица, тој рече дека нивната врата е отворена и раката е подадена за таа партија и го повика лидерот Димитар Апасиев и гласачите на Левица во вториот круг да ги поддржат кандидатите на опозицијата, а најави и разговори со Алијанса и со Алтернатива за приклучување и поддршка на кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг.
„Малку бев збунет од утринската комуникација на лидерот на Левица преку социјалните медиуми, но, еве, оставам да изберат каква сакаат тие соработка со блокот, оставам на нив да одлучат. Местото на гласачите на Левица е овде, заедно со најголемата коалиција – за Македонја на сите луѓе“, рече Мицкоски.
Неизвесно е дали Левица ќе одговори на повикот на ВМРО-ДПМНЕ.
Апасиев во денешна објава на неговиот фејсбук профил го напиша примерот со првата политичка партија во која учествувал Фидел Кастро, Ортодоксо. Тогаш освоилет само 2 (две) пратенички места во кубанскиот парламент.
„Ставот на младиот стратег Фидел е: „Не смее да има никакво коалицирање со партии кои имаат дамки во своето работење! КОАЛИЦИРАЊЕТО ЌЕ ЈА РАЗВОДНИ ИДЕОЛОГИЈАТА. Од тоа корист ќе имаат само нашите ривали“, …„Ако треба, со три збора, да го опишам чувството после овие пеколни Локални избори, тоа би било: СО СОПСТВЕНИ СИЛИ!“напиша пратеникот на фејсбук.
(М.Т.)