Сексуалните притисоци на работното место се широко распространети-Кампања на „Реактор“ против сексуално вознемирување – ММС
ММС

Објавено на: 10/20/21 1:36 PM

Сексуалните притисоци на работното место се широко распространети-Кампања на „Реактор“ против сексуално вознемирување

Независната истражувачка организација „Реактор“ – Истражување во акција, лансираше онлајн кампања за подигање на свеста против сексуалното вознемирување на работното место.
Таа е составена од неколку информативни објави и има за цел да ги информира граѓаните за формите на сексуално вознемирување, законите според кои ова дело е казниво, како и да даде примери кои се базираат на анонимно споделени искуства, како дел од студијата на „Реактор“.
„Според наодите, сексуалното вознемирување на работното место е широко распространето и за жал нормализирано во некои форми. Наодите покажуваат дека малкумина се осмелуваат да го пријават, иако е казниво со закон“, соопштија од организацијата.
Од „Реактор“ посочуваат дека тоа е каков било облик на несакано вербално, невербално или физичко постапување од сексуална природа, што има цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.
„Сексуалното вознемирување на работното место е облик на дискриминација. Според Кривичниот законик, дискриминацијата е кривично дело казниво со казна затвор од шест месеци до пет години. Дополнително, според Законот за спречување и заштита од дискриминација, тоа е казниво со парична казна до 10.000 евра“, велат од организацијата.
„Реактор“ ги охрабрува жртвите на сексуално вознемирување да го пријават истото во Државен инспекторат за труд, Комисија за спречување и заштита од дискриминација, граѓански организации кои обезбедуваат бесплатна примарна правна помош или во полициска станица.
Кампањата е дел од иницијативата „Борба против дискриминацијата, унапредување на работничките права на жените“ и е поддржана од Европската Комисија и кофинансирана од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (Сида).
Освен во Северна Македонија, кампањата се спроведува и во пет други држави од Западен Балкан, партнери на „Реактор“, – Косово, Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, а се очекува да трае 11 дена, од 18 до 30 октомври.
(МИА)