Студирањето се смета дека е еден од најубавите периоди од животот и така е во најголем дел од времето. Сепак, тој носи стрес бидејќи предвидува многу активности за студентите кои паралелно се обидуваат да балансираат со социјалниот живот – вели за Македонски медиа сервис проф. д-р Калина Сотироска Иваноска, вонреден професор на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во претходно интервју за ММС таа зборуваше за испитната анксиозност, а овојпат се фокусираме на начините и техниките кои би можеле да им го олеснат процесот не само на студентите, туку и на учениците.
Како учењето е поврзано со менталното здравје? Може ли врз концетрацијата и успешноста на учењето да влијае стресот, кој кај ученикот или студентот настанал поради некаков проблем, макар неповрзан со образовниот процес?
-Студирањето е еден од најубавите периоди, но студентскиот начин на живот може да влијае врз менталното здравје, така студентите се обидуваат и се трудат да ги одржат успешно студиите, што вклучува постојано постигнување рокови, како навремено и уредно пријавување испити, присуство на предавања, вклучување во дискусии, подготовки на семинарски и проектни активности, презентации, колоквиуми, испити и уште многу други работи, а притоа активно да продолжат со социјалниот живот. Сето тоа, предизвикува стрес и нормално води кон чувство на преоптовареност кај студентите. Понекогаш пониско ниво на стрес е добар мотиватор за подобар успех, но кога трае подолго време и кога се доживува многу стресно периодот, може да влијае врз добросостојбата и постигнувањата на студентот.
Како да балансираме меѓу учењето и грижата за себе? Дали постојаното учење сепак би било без ефект ако во тие денови немаме доволно сон, ако не јадеме редовно и не си дадеме простор за „оддишка“?
-Кога се чувствуваме преоптоварени тогаш и наједноставните активности ни се заморни и исцрпувачки. Во таквите ситуации не треба да заборавиме да си ги поставиме следните прашања: дали сме гладни, дали се чувствуваме осамени, дали сме уморни, потиштени, лути и притоа искрени да бидеме пред себе си. Луѓето не консумираат храна само кога се гладни, туку и да задоволат одредени емотивни потреби. Потребно е да се регулира редовно јадење со оброци кои претходно се подготвуваат и да не се прескокнуваат оброците, притоа може да се искористи алармот на телефоните за да ве потсети дека треба да јадете во одредено време.
Во однос на спиењето, можеби звучи банално, но квалитетното спиење е од особена важност за добро функционирање. Студентите практикуваат прескокнување или скратување на ноќното спиење со тенденција дека ќе надополнат другите денови. Но, научните истражувања покажаа дека редовен режим на спиење, што значи легнување во приближно исто време секој ден е покорисно отколку должината на спиењето.
Во студентските денови сакајќи студентите да се во чекор со сѐ, можеби е тешко да се најде време за себе, но треба да се ослободите од притисокот и да правите нешто во што вие уживате. Звучи застрашувачки и невозможно, но обидете се да бидете активни. Извежбајте или одете пешки до факултетот, научните студии докажале дека хормоните кои се излачуваат при физичката активност помагаат да се чувствуваме посреќно, се зголемува концентрацијата и се подобрува квалитетот на сонот.
Колку би можел да биде од помош распоредот? Дали е подобро да се има некаков план, распоред, концепт според кој би се воделе?
Кога сте под притисок и малите работи кои треба да се завршат ви изгледаат тешки и невозможни за реализирање. Затоа е важно да се поделат работите кои треба да се завршат на помали задачи така што би изгледале реални и полесно остварливи, на пример да се уреди собата или да се напишат пет реченици од семинарската работа. Реализирањето на овие задачи води кон победа, секоја победа води кон напредок и реализирање на поголемата цел. На тој начин дозволете си да уживате во малите победи, наградете се себе си и прославете со одење во омилените места, слободен ден со гледање серии или цел ден поминат надвор.
Доколку е потребно да учите за повеќе испити или имате повеќе задачи ви изгледа дека немате доволно време. Тогаш добро е да се запишуваат работите кои треба да се завршат и колку време би одзеле, па да се следи распоредот и на тој начин ќе имате увид како го трошите времето.
Какви техники би можеле да применат студентите за да го направат процесот покреативен и олеснителен – во смисла на тоа дали да фаќаат белешки, аудитивен начин на учење и слично?
Најпрвин да се земе предвид дека она што го нарекуваме кампањско учење, учење обемен материјал за кратко време, не дава позитивни резултати како редовното учење и материјалот кој што се учи не останува долго запомнат.
Постојат различни начини кои го олеснуваат процесот на учење, како на пример мнемоничките техники. Тоа се стратегии за учење кога на бесмислениот материјал му се дава смисла и побрзо и поефикасно се помни. На пример ако треба да ги запомниме поимите бизнис, пазар, претприемач, идеја, тогаш можеме да ги запаметиме во форма на реченица: „За успех во бизнисот, претприемачот мора да има добра идеја, која треба да биде прифатлива од аспект на пазарот“. Визуелизацијата е важна вештина во која го олеснува учењето, бидејќи мозокот полесно ги процесира сликите, а со тоа и подолго се помнат.
Пишувањето белешки е корисно, бидејќи повеќе ќе се сеќаваме на рачно напишаните зборови отколку кога пишуваме на компјутер. Слушањето музика при учење исто така може да придонесе во олеснувањето при процесот на учење, бидејќи музиката ќе се асоцира со она што се учело, секако повеќе одговара инструментална музика, како класичната на пример за да не се меша текстот со она што се учи.
Со оглед на тоа дека претходно разговаравме за испитната анксиозност, дали би можеле неа да ја намалиме делумно и преку заедничко учење? Каква е улогата на совладувањето и повторувањето на материјалот со соучениците или колегите наспроти индивидуалниот пристап?
Еден од најдобрите начини да се запомне материјалот што се учи е да се споделат информациите со другите. Многу истражувања, а и праксата ни покажува дека студентите најмногу учат кога треба да го презентираат и објаснуваат она што го учеле пред другите колеги. На тој начин го структурираат знаењето, се обидуваат добро да го разберат и меморираат. Најдобро е индивидуално да се совлада материјалот, а потоа да се повторува со другарите, така што ќе биде поинтересно и забавно со што ќе се овозможи подолго помнење.
Кои совети Вие и Вашите колеги им ги давате на студентите кога имаат потешкотии при совладувањето на материјалот за учење и како воопшто просветните работници би можеле на своите ученици и студенти да им помогнат во оваа насока? Која би била Вашата порака до нив?
Кога проблемот ќе се сподели со некој друг, половина е решен. Притисокот во периодот на студирањето и процесот на полагање на испитите може да изгледа застрашувачки и да предизвика анксиозност. Доколку се чувствувате загрижени, под стрес или вознемирени не треба да чувате во себе, најдобро е да се поразговара со некој од другарите, колегите, професорите, експертите за менталното здравје. За секој проблем има решение, така сигурно просветните работници и експертите за ментално здравје, како што се психолозите ќе најдете заеднички начин за подобрување на расположението и успешно надминување на ситуацијата.
Вања Мицевска