Одложувањето на стартот на преговорите со Македонија негативно влијае врз кредибилитетот на ЕУ, рече еврокомесарот Вархеи – ММС
ММС

Објавено на: 10/19/21 3:25 PM

Одложувањето на стартот на преговорите со Македонија негативно влијае врз кредибилитетот на ЕУ, рече еврокомесарот Вархеи

– Ние сме убедени како Комисија дека Западен Балкан треба да биде дел од Е вропската унија. Делиме иста историја ,ист континент и исти вредности. ЕУ не е комплетна без регионот кој е стратешки приоритет за ЕУ и тоа го видовме на Самитот Западен Балкан и на Самитот во Брдо пред две недели каде што ја потврдивме поддршката за регионот – истакна еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи на претставувањето на Извештајот за Северна Македонија пред Комитетот за надворешни работи.

Оваа година Извештајот се потпира на новата методологија за проширување која беше усвоена лани од ЕУ и во него Комисијата повеќе се задржува на владеењето на правото.

– Одложувањето на стартот на преговорите со Северна Македонија има негативен импакт врз ЕУ кредибилитетот. Билатералните проблемит помеѓу Бугарија и Македонија мора да бидат решени итно. Процесот за проширување е голем мерит процес. Двете земји ги исполнија сите услови и треба што поскоро оваа година да се одржат меѓувладините конференции – додаде Вархеи.

Европската Комисија ја поздравува Северна Македонија во делот на зајакнувањето на демократијата, владеењето на правото, и борбата против корупцијата, но осврнувајќи се на последните локални избори, европската извршна власт констатира дека напредокот е ограничен во делот на спроведувањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија. Се бара изборното законодавство и усвојувањето на релевантните закони да бидат финализирани навремено и на инклузивен начин.

Политичките тензии помеѓу партиите не доведоа до ситуации на бојкот како во минатото, Европската Комисија го поздравува ангажманот на опозициските партии во работата на Собранието, но забележува дека поларизацијата е длабока.

-Парламентарната работа беше попречена од политичката поларизација, интензивирана со Ковид-19, која повремено имаше последици врз обичните функции. Потребни се напори за зајакнување на улогата на Парламентот како форум за конструктивен политички дијалог, посебно во делот на реформската агенда за ЕУ, истакнува извештајот годинава.

Уште еднаш се покажува со прст кон забрзаните процедури на усвојување закони и се повторува дека тие мора да останат ограничени за да не се загрози демократскиот надзор. Парламентот, сепак, продолжи да ја игра улогата на надзор врз извршната власт.

-Власта треба да продолжи со реформскиот момент и да се фокусира на спроведување на постоечката законска рамка наместо да започнува спорадични нови иницијативи. Навремена и суштинска имплементација на реформската агенда бара постојана поддршка од општеството во целост, вели Европската Комисија, која додава и дека продолжува да се бара одговорност за насилниот упад во Собранието на 27 април 2017, вклучително и преку првостепени судски одлуки.

Што се однесува до јавната администрација Европската Комисија констатира “малку напредок” во финализирањето на хоризонаталната функционална ревизија на државната администрација која е важно да биде усвоена од власта.

Судскиот систем е “умерено подготвен” за ЕУ членство.

-Мал напредок е постигнат во однос на спроведувањето на стратегијата за судска реформа со што дополнително се одговара на препораките на Венецијанската комисија и на Експертската група за владеење на правото. Напори сѐ уште се потребни за да се обезбеди систематско спроведување на обновениот акциски план за стратегијата за судски реформи и стратегијата за човечки ресурси за судството и обвинителството, оценува Европската Комисија.

Умерена подготвеност покажува Северна Македонија и во борбата против корупција, таа го зацврстува процесот на гонење криминал и корупција вклучително и високопрофилни случаи.

-Надворешниот граѓански надзорен механизам врз полицијата не е целосно фунцкионален и отсуството на вистински независни истражители ги попречува напорите за справување со неказнивоста на полицијата и ефективното гонење.

Се бара земјата да ги подобри и условите во затворите и да ги зајакне алтернативите за затворски казни. Напредокот во делот на слободата на изразување е ограничен.

фото: Twitter