За само 27 гласа Левица во Штип засега не добива втор советник – ММС
ММС

Објавено на: 10/19/21 11:58 AM

За само 27 гласа Левица во Штип засега не добива втор советник

Со 1771 глас освоен на неделните избори во Штип, партијата Левица засега добива само едно место во Советот на Општина Штип. Овој податок се’ уште не е официјален и конечен, додека Државната изборна комисија (ДИК) не ги прогласи изборите за Советот на општината за завршени. Тој мал процент што ја дели Левица од поголема застапеност во штипскиот Совет, партијата ќе обиде да го оспори, преку поднесување на приговори на неделното гласање.

-Поднесени се приговори до ДИК и очекуваме да има прегласување. Приговорите се однесуваат само на советничките листи, изјави Сенада Ибраимова, портпарол на Левица, која е и засега сигурниот член на Советот на Општина Штип од редовите на оваа партија.

Дали советничко место ќе добие и Ангеле Михајловски, кој е втор на листата, ќе се види по одлуката на Општинската изборна комисија (ОИК). Се’ уште течат роковите за поднесување на приговорите.

-До сега до нас нема поднесено ниту еден приговор. Ако има поднесено електронски преку апликацијата на ДИК, веројатно ќе пристигне и за тоа ќе решаваме веќе утре претпладне. Незадоволните од решението имаат право на жалба до Управниот суд, објасни Виктор Вацев, претседател на ОИК на Штип.

Засега никој не може да го потврди составот на Советот на Општина Штип. Ако Левица остане на само еден советник, ВМРО ДПМНЕ влегува со мнозинство од 13 советници, додека коалицијата на СДСМ со девет. Во случај да се уважат приговорите и се прегласува на оспорените гласачки места, ВМРО ДПМНЕ може да остане со 12 советници, но секако ќе го имама мнозинството во Советот и со тој број.