Обработката на податоците од пописот е почната веднаш по неговото завршување, а резултатите ќе бидат објавени најдоцна во март. Ова го најави денеска директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, кој рече дека штом ќе заврши обработката, податоците веднаш ќе бидат објавени во јавноста.
„Тоа е процес којшто е неминовен по секоја статистичка операција и е дел од целокупниот процес на оваа операција. Таа фаза е значајна колку и самото спроведување на пописот. Најдоцна во март очекуваме да ги објавиме резултатите, ако стигнеме порано сигурно нема да чекаме март да дојде“, изјави Симовски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали е попишано целото население, тој рече дека се раководеле според тоа да имаат концепт за да ги опфатат сите единици на ваквото статистичко истражување.
„Клучната работа по која се раководевме беа објектите за домување, каде се сместени граѓаните, каде што живеат граѓаните и сите овие објекти се поминати целосно. Не беше испуштен ниту еден. Се случуваше да не можеме да најдеме некого дома, сепак беше летен период на спроведување на пописот, но се обидувавме повеќе пати да ги побараме. Остававме пораки, телефонски броеви за да може да се исконтактира со попишувачите и мислам дека немаме значаен неопфат со пописот. Секогаш може да го има и во најсовршените системи и тоа е сосема нормална работа. Она што ние го очекуваме во моментот, бидејќи обработка се уште не е завршена, е дека овој неопфат ако воопшто го има, е минимален“, изјави Симовски уверувајќи дека со обработката на податоците ниту едно лице нема да биде изоставено.
Во однос на граѓаните кои решија да го бојкотираат пописот, тој нагласи дека ДЗС нема обврска да презема мерки. Таквите случаи според него, веќе се процесуирани, а мерките треба да се преземат од страна на други институции.
„Јас не ја знам и не се заморувам со таа бројка. Бзначајна е, ниту нешто ни поремети, ниту нешто ќе значи на крајот со конечните резултати“, потенцираше Симовки одговарајќи на новинарско прашање колкав број граѓани бојкотирале.
Тој на оваа тема зборуваше пред почетокот на настанот кој денеска се одржува во Скопје, а е посветен на проектот „Зголемување на употребата и достапноста на официјалните статистички податоци во Република Северна Македонија“. Нашиот завод за статистика работи на овој проект со Шведскиот завод па со оглед на тоа дека попишувањето веќе заврши, новинарите го прашаа Симовски дали ваквиот проект не е задоцнет?
Сепак, тој рече дека шведскиот модел не можеме да го следиме бидејќи немаме услови за тоа.
„Од земјите членки само шест членки спроведуваат попис базиран на регистри, што значи дека не сите го постигнале тоа ниво кое го имаат скандинавските земји. За да се овозможи една ваква операција треба да се исполнат повеќе услови. Јас имам повеќе пати кажано дека нашата цел секогаш била да го употребиме овој метод кој во моментот можеби е најсовршен, но за тоа треба да се исполнат три предуслови, кои се клучни. Прво, да имаме добар адресен регистер, што го немаме, да имаме идентитет помеѓу официјалната адреса во нашите документи и онаа на која навистина живееме и трето – да знаеме конкретни податоци за сите наши граѓани кои живеат надвор од земјата. Сите овие елементи не се исполнети и ние не можевме да примениме ваков момент, иако сите би сакале. Најевтин е и најбрз и нема да треба десет години да чекате за нови податоци“, додаде Симовски.
(В.Ми)