Нацев: Шекеринска остави илјадници војници веќе неколку недела без организиран платен превоз – ММС
ММС

Објавено на: 08/21/18 12:56 PM

Нацев: Шекеринска остави илјадници војници веќе неколку недела без организиран платен превоз

 

Илјадници војници од триесетина населени места во државата со недели немаат организиран платен превоз од своето место на живеење до касарната во која се распоредени, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ. Партијата тврди дека овие војници за да стигнат до касарната во која работат плаќаат од сопствен џеб.

„Припадниците на АРМ кои сообраќаат на релацијата Велес – Петровец – Чојлија, немаат платен превоз од 31.07.2018 година, односно повеќе од две недели. Додека Крушево – Кривогаштани – Прилеп и Битола – Прилеп, немаат платен превоз од 27.07.2018 односно 3 недели“, истакна денеска Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.

„На релациите Дебар – Кичево, Гостивар – Скопје, Пробиштип – Кратово –  Куманово – Скопје, Неготино – Велес – Куманово, Неготино – Кавадарци – Росоман – Градско – Скопје, Македонски Брод – Кичево и Самоков – Македонски Брод – Кичево, организиран платен превоз нема заклучно од 03.08.2018 година, односно 2 недели. Слична е ситуацијата и со војниците кои патуваат на релацијата, Виница – Кочани – Штип – Св.Николе – Петровец и Скопје – Велес, кои немаат превоз од 07.08.2018“, појасни тој.

„Припадниците на АРМ кои одат на релацијата Скопје – Тетово – Гостивар – Кичево, Штип – Св.Николе –  Петровец, Скопје – Куманово и Скопје – Велес – Штип од 17 август исто така останаа без превоз“, изјави Нацев според кој, војниците се оставени да се снаоѓаат како знаат и умеат и до работа одат со сопствен превоз и на сопствен трошок.

Ваквите обвинувања од опозицијата, доаѓаат во период кога од буџетот на Министерството за одбрана се издвојуваат еден милион евра за референдумската кампања.

„Еден милион евра изнесува сумата со која може да се покрие повеќе од една третина од годишниот превоз на армијата и тоа за сите 45 дестинации, но наместо за превоз на војниците, Шекеринска се одлучи овие пари да ги даде за промоција на капитулантскиот договор за промена на името“, смета Нацев.