Во „Радио сити мјузик хол“ во Њујорк, во понеделникот беа доделени Ем-ти-ви видео музичките награди кои собраа многубројни славни ѕвезди од светот на шоубизнисот.
Како и секогаш имаше многу изненадувања, како во доделувањето на наградите, така и во музичките перфоманси и презентирањето на наградите.
Камила Кабељо која ги собра наградите за спот и за уметник на годината беше едно од изненадувањата на вечерта.
„Не ми се верува дека сум јас“, изјави 21-годишната пејачка со кубанско потекло, посветувајќи ѝ една од наградите на Мадона.
На латино дивата Џенифер Лопез и припадна честа да ја прими престижната награда „Michael Jackson Vanguard Award“, која им се доделува на музичарите со големи постигнувања во светот на музиката и филмот. Моментот кога ја прими наградата го искористи за емотивен говор посветен на нејзините близнаци, на фановите и нејзиното момче Алекс Родригез.
Младата пејачка Аријана Гранде се закити со наградата за најдобро поп видео за песната „No tears Left To Cry“.
За песна на годината беше прогласена „Rockstar“ на Post Malone ft. 21 Savage.
На големо изненадување на многумина, раперот Дрејк, кој беше најуспешниот музичар за минатата година, не освои ништо, исто како и Бијонсе, Џеј Зи, Ријана…