За глас повеќе порано гласачите се поткупуваа најчесто со брашно и зејтин, а кога не им успеваше се нудеа и пари. Но, она што изненади на овие локални избори е поткуп со бекатон плочки од кандидат за градоначалник. Таква пријава добил Секторот за внатрешни работи Тетово.
Тетовското обвинителство презема дејствија во врска со пријавениот настан, по кој е оформен предмет против едно лице за сторено кривично дело „Поткуп при избори и гласање“. Поткупот го вршел кадидат за градоначалник со бекатон плочки, стои во соопштението на Јавното обвинителство.
Од полицијата велат дека кај нив е пријавен таков случај , но за повеќе информации не упатија до Јавното обвинителство Тетово
Оттаму пак ја добивме следнава информација:
-Да, таков случај е пријавен во полицијата. Се работи за пријава за поткуп со бекатон плочки кој го вршел кандидат за градоначалник за Општина Јегуновце. Секторот за внатрешни работи Тетово работи на случајот презема дејствија и прибира докази, и во зависност од нивниот дел од истрагата, ќе видиме какви насоки и какви дејствија ќе преземеме ние како обвинителство, се зависи од доказите и прибраниот материјал, ни изјавија од Основното јавно обвинителство Тетово.
Ова не е осамен случај на овие локални избори.
(З.Д.)