Како ќе се стимулира вработувањето на лицата со попреченост – Нацрт верзијата на Законот готова до крајот на годината – ММС
ММС

Објавено на: 10/20/21 10:18 AM

Како ќе се стимулира вработувањето на лицата со попреченост – Нацрт верзијата на Законот готова до крајот на годината

Зголемување на можностите на лицата со попреченост за полесен пристап на отворениот пазар на труд – ова е една од целите на измените на Законот за вработување на оваа категорија граѓани.

Законските измени сѐ уште се во фаза на подготовка и надлежните очекуваат тие да овозможат професионална рехабилитација на лицата со попреченост, како и поттикнување на работодавачите за вработување на отворен пазар на труд, а не само во заштитни трговски друштва. За да вработат лице со попреченост, работодавачите и понатаму ќе бидат стимулирани и поддржувани со средствата од посебниот фонд при Агенцијата за вработување – информираат за ММС од Министерството за труд и социјална политика.

Токму ова Министерство е институцијата која ги изготвува ваквите законски измени, за што добива техничка помош од Светска банка СИАП, а идејата е тие да послужат како нов концепт или модел за зголемено учество на лицата со попреченост на отворениот пазар на труд.

-Првата нацрт верзија на законот се очекува да биде изработена од ангажираните експерти до крајот на годинава. Во изработката на новиот концепт се вклучени сите засегнати страни, сојузите и организациите на лицата со попреченост, заштитните друштва, ЗАПОВИМ, комора, и институции вклучени во овие процеси односно во презентациите, дебата и поединечни состаноци со сите инволвирани учесници. Сите сугестии од нивна страна се земени предвид при дефинирање на концептот, а во наредниов период предвидено е и нацрт законското решение да биде предмет на дебата и презентација – велат од Министерството за труд и социјална политика.

На прашањето на ММС, во кој сектор според досегашното искуство најчесто се вработуваат овие граѓани, од ресорното министерство посочуваат дека најголемиот број од нив се вработени во преработувачка индустрија и трговија на големо и мало.

-Новиот концепт за вработување на лица со попреченост ќе предвидува сет на мерки и активности како за поддршка на лицата со попреченост така и за работодавачите – соопштуваат од МТСП.

Согласно актуелната законска регулатива, надлежноста за вршење увид во наменското користење на доделените средства за вработени со попреченост од Посебниот фонд го има Агенцијата за вработување на РСМ.

-Увидот на наменското користење на доделените средства од Посебниот фонд за вработување на лицето со попреченост,  адаптација на работно место, набавка на опрема и работен асистент на лицето со попреченост се врши преку непосреден увид кај работодавач, заштитно друштво и самовработено лицето со попреченост на кои им се доделени неповратни средства за оваа намена. Целта е да се утврди дали лицето со попреченост за кое се доделени средствата е во работен однос, дали на лицето со попреченост му се исплатува плата согласно закон и дали се одржува потребниот број на вработени инвалидни лица согласно закон, дали извршената адаптација на работното место е согласно потребите на лицето со попреченост, итн – додаваат од МТСП.

Оттаму нагласуваат дека Агенцијата за вработување на РСМ доставува квартални статистички извештаи до Министерството за труд и социјална политика кои се однесуваат на број на поднесени барања за користење  на средства од посебниот фонд, број на одобрени и одбиени барања, одобрени средства од Посебниот фонд. Досега АВРСМ нема пријавено нерегуларности односно неправилности до Министерството за труд и социјална политика.

Од Министерството при тоа уверуваат, дека во сите институции под негова надлежност се вработени лица со попреченост.

Според последните податоци на Агенцијата за вработување кои се однесуваат на првите шест месеци од оваа година, вкупно 1574 лица со попреченост се невработени. Буџетот за вработување инвалидни лица изнедува 189.500.000 денари, а работодавачите искористиле 65, 31 отсто од нив.

 

Фото: Илустрација / DesignedbyFreepik

Вања Мицевска