Комисијата за следење на евентуалните нерегуларности при организиранњето и спроведувањето на локалните избори формирана во Јавното обвинителство оформи неколку предмети за сторени кривични дела во врска со изборите и гласањето заклучно со првиот круг на гласање.
„Во Основното јавно обвинителство Скопје оформени се три предмети за сторени кривични дела во врска со изборите и гласањето. Се води постапка против непознати сторители за пукање од огнено оружје за време на митинг на политичка партија во текот на изборната кампања. По доставено известување, обвинителството оформи предмет и издаде насоки до МВР за идентификација на сторителите. Предмет е оформен и по доставено известување од МВР за сторено кривично дело „Изнуда” од страна на засега непознати сторители кон лице од кандидатската листа за советници на една политичка партија за Град Скопје. На оштетениот му биле испраќани пораки, меѓу нив и порака каде се спомнува бомба. По насоки на обвинителството се преземаат дејствија за расчистување на настанот“, велат од ЈО.
На гласачко место во ОУ „Кузман Јосифовски Питу” во Скопје, еден гласач од четири ливчиња само едно ставил во гласачката кутија, додека другите ги скинал и ги оставил на пултот за гласање. Тој бил лишен од слобода и приведен, а ЈО оформи предмет за сторено кривично дело „Уништување на изборен материјал” од Кривичниот законик.
Во Демир Капија, претседател на избирачки одбор пријавил дека едно лице дошло да гласа во пијана состојба. Лицето зад параванот го искинало едното гласачко ливче, а второто го ставило во џеб. И тоа се товари за кривичното дело „Уништување на изборен материјал” од Кривичниот законик, а ОЈО Кавадарци ќе постапува по предметот.
„Основното јавно обвинителство Свети Николе поведе постапка против едно лице за кое постои сомневање дека сторило продолжено кривично дело – Поткуп при избори. Постапка се води и против четири лица кои го примиле поткупот. По дадени насоки на обвинителството, полициските службеници прибираат известувања од лицата кои ги примиле паричните средства во висина од по 3000 денари. Се преземаат и други дејствија за расчистување на настанот“ објави обвинителството.
ОЈО Кочан и покрена обвинение против двајца осомничеи кои им се заканувале на повеќе граѓани од Кочани дека ќе бидат избркани од работа ако гласаат за партијата чии симпатизери биле.
По поднесенo известување за вршење организиран превоз на гласачи до избирачко место во Кочани, во обвинителството се оформени два предмета по кои се постапува за прибирање материјални и вербални докази.
Во кочанското обвинителство е оформен и предмет по поднесена кривична пријава во која се наведува дека носителка на советничката листа на политичка партија, заедно со уште едно лице се движеле со возило и на избирачко место во Кочани вршеле поткуп на гласачи. Постапката против осомничените се води за сторено кривично дело „Поткуп при избори и гласање”.
Тетовското обвинителство презема дејствија во врска со пријавен настан по кој е оформен предмет против едно лице за сторено кривично дело „Поткуп при избори и гласање”. Поткупот го вршел кандидат за градоначалник со бекатон плочки.
Се постапува и по поднесена кривична пријава од политичка партија, во која се наведува дека во н.Оризари, во близина на избирачко место кај Дом на културата во Кочани, се вршело агитација за политичка партија, имало залепено изборни плакати од политичка партија во близина на гласачкото место и се вршело влијание врз гласачи како да го остварат нивното гласачко право. Обвинителството во Кочани оформи предмет поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „Повреда на слободата на определување на избирачите”
Предмет за извршен поткуп е оформен во Основното јавно обвинителство Делчево по добиено известување дека на 16.10.2021 година, на Градскиот пазар во Делчево, кандидат за градоначалник од политичка партија му дал 3000 денари на едно лице заедно со брошура. Парите од лицето кое ги примило се одземени, додека брошурата не е пронајдена.
Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет против едно лице за сторено кривично дело „Уништување на изборен материјал” од Кривичниот законик. Осомничениот на избирачко место во с. Октиси го искинал своето гласачко ливче.
Во гостиварското обвинителство се прибираат материјални и вербални докази во оформен предмет за сторено кривично дело „Повредна на тајноста на гласањето”. На избирачко место во Гостивар гласач го сликал своето гласачко ливче, по што бил забележан од членовите на Избирачкиот одбор и делото било пријавено. Обвинителството издаде насоки за утврдување на факти во предметот.
О.К.
фото: Вангел Тануровски