Боси, голи, гладни и со насолзени очи- Кој конечно ќе ги спаси децата од питачење? – ММС
ММС

Објавено на: 06/8/22 12:00 PM

Боси, голи, гладни и со насолзени очи- Кој конечно ќе ги спаси децата од питачење?

Децата, па и целите семејства, претежно Роми, кои просат на семафорите во Скопје се секојдневна, непријатна глетка за секого. Зависно од временските услови, ги има повеќе или помалку. Не се знае колку точно ги има. Ниту граѓанските здруженија, ниту институциите успеаја досега да избројат колку точно деца, мајки , па и цели семејства просат на семафорите, тротарите и улиците, најмногу во Скопје. Се калкулира дека ги има стотина. Досегашни обиди на институциите, со разни законски норми и активности да го ублажат и да најдат решение за овој социјален проблем, засега имаат недоволни резултати. Од страна на Министерството за труд и социјала, преку центрите за социјална работа, како најнадлежно и најодговорно, неопходни се повеќе системски мерки и повеќе работа на терен, за решавање на овој горлив, долгогодишен проблем во државава, односно потребен е посериозен и континуиран пристап, а не краткорочни ат-хок активности и акции кои даваат исто такви решенија. Ромите како да се ставени на маргините во општеството.
Ова го посочува пратеничката Љатифа Шиковска, која многу години, претходно преку невладината „Амбрела“, а сега и во парламентарниот дом, активно работи на проблемот со децата на улица и за негова превенција и спречување. Таа вели дека е најлесно и не е решение да го земеш детето од улица и да го тргнеш привремено. Неопходна е поголема заинтересираност, посветеност и континуирана работа на терен на социјалните центри кои дејствуваат за овој проблем, во најголем дел, по допрен глас. Со некои досегашни законски измени се подобрува финансиската состојба кај дел од ромските семејствата, што е клучот за децата кои просат да се тргнат од улица. Се воведе гарантиран минимален доход за оние кои редовно се пријавуваат во АВРСМ од околу 10.000 денари месечно, а со тоа имаат и здравствено осигурување и детски додаток, со што на некој начин се намали бројот на децата на улица. Оние кои користат помош од државата, ако се „фатат“ пак на улица, ги губат сите права.
„Сепак, за жал, ова не доволно. Требаше да заживее во практика т.н кејс менаџмент со фокус на децата на улица. Тоа значи, секој социјален работник да следи одреден број на семејства и да работи со нив континуирано. Ова е одличен модел за да се тргнат децата од улица. Потребна е и поголема мобилност и повеќе работа на терен од мешани тимови од граѓански здруженија, центри за социјална работа, Црвен крст и слично. Имаше неколку вакви акции за идентификација на лица кои просат, но за жал, тешко одеше соработката од нивна страна, многу мајки даваа лажни податоци, како да не сакаа да им се помогне“, вели Шиковска за ММС.


Таа потенцира дека образованието и едукацијата кај Ромите се клучот за излегување од сиромаштијата, а со тоа и престанок на просење. За добар дел генерации на возрасни, работата е веќе промашена и нема назад, но затоа сега треба активно да се работи со младите, неписмени лица, кои не треба своите деца да ги остават без образование и на улица, изложени на разни злоупотреби, киднапирање, сексуална злоупотреба, наведување на проституција и слично, за што имаше и примери. Според Шиковска, анкетите од пред три години покажале дека, само во Шуто Оризари има околу 120 деца на возраст од 8 до 15 години кои се неписмени и никогаш не биле вклучени во образовниот процес.
„За нив веќе баравме да се воведат посебни програми во школите, преку Бирото за развој, да се формираат посебни паралелки во училиштата затоа што станува збор за деца од различна возрасна група. Но, досега не наидовме на одѕив од страна на институциите. Оваа идеја ќе се обидеме повторно да ја реализираме преку МТСП“, посочува Шиковска.
Таа вели дека има и позитивни примери од активностите на „Амбрела“ и го посочува примерот со една самохрана мајка и нејзиното шестчлено семејство кое просело на улица.
„Ги видов на улица додека просат, мајката и децата, и ѝ реков дека децата може да ѝ бидат одземени од центрите за социјална работа. И понудив да се вклучи во нашата работа, во разни активности и да зема секој месец хонорар. Така и беше. Тоа траеше 3 години, време кога децата тргнаа во градинка, во школо и семејството се стабилизира финансиски. Важно е што ги тргнавме од улица, но и кај нив имаше желба да го сменат на подобро начинот на живеење и да стекнат економска сигурност. Децата се сега веќе свои, возрасни луѓе кои издржуваат семејства“, вели Шиковска.
Таа потенцира дека, остварување на редовни приходи и вклучување во образовниот систем, се клучните фактори тргање на децата од улиците. А, тоа треба да им го обезбеди државата, односно институциите. Треба да се продолжи со законските реформи и паралелно да се работи на релацијата дете-родител-училиште. Ако се родителите неписмени и необразовани, и децата ќе бидат и ќе просат по улици. Треба да се спречи тој процес.
Шиковска потсетува и на една успешна заедничка акција, на тргање на неколку ромски семејства кои под Кале живееја во крајно субстандардни услови.

„Ги дислоциравме и ги сместивме во прифатниот центар во Визбегово.Таму има околу 100 бездомни семејства со околу 70 деца деца од 0 до 17 години, за кои се обезбедува облека, училишен прибор и средства за хигиена. Во Скопје има три вакви центри, покрај Визбегово, во „Ранка Милановиќ“ се сместени 30 семејства и Чичино село има од 10 до 15. Досега успеавме да запишеме на школо 22 деца кои просеа на улица, а имавме и одржано предавања од областа на здравството, семејното насилство, дрога, алкохол и друго“, вели Шиковска.
Додава дека, со акции на невладините, пред 3 години беше спроведена акција за идентификација на лицата без документи кои се родиле во болница. Мобилни тимови анкетираа и пополнуваа прашалници за околу 700 деца без документи. Од нив досега само 250 се регистрирани со единствен матичен број, затоа што законските измени за овие лица со посебни матични броеви важеа само 6 месеци и покрај моите заложби како пратеничка за продолжување на рокот.
Како пратеничка ќе се залагам во Собранието, пред сѐ, да им се обезбеди живеалиште на ромските семејства, да им се дадат социјални станови, затоа што не можат цел живот да бидат сместени во прифатни центри.

 

Во двата дневни центра ротираат околу 40 деца

На територијата на град Скопје функционираат 2 дневни центри за деца во ризик (деца на улица) во Кисела Вода и во Шуто Оризари. Во Кисела Вода е единица на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје, а во Шуто Оризари е менаџиран од Здружението „Заштита на правата на детето“. Во двата центри за деца на улица, дневно ротираат околу 40 деца, информираат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) за ММС.
„Во нив се обезбедува дневно згрижување, исхрана одржување лична хигиена, индивидуални активности, воспитни, социјални, културни и рекреативни активности, превентивни активности, советување, едукација, образовна поддршка, социјална поддршка на децата и нивните семејства и друго, зависно од потребите на децата“, велат од МТСП.
„Основната улога на дневниот центар е отстранување на децата од улица и нивна инклузија односно вклучување во општеството преку различни социјални вештини и можност за вклучување во образовниот систем. Досега системот на социјална заштита беше насочен повеќе кон згрижување на децата во дневен центар. Недостигаше делот на отстранување на ризиците во семејството односно работа со родителите, помош и поддршка на целото семејство. Затоа МТСП започна со активности за дизајнирање на сеопфатна реформа на системот на социјална заштита“, велат од МТСП.
Објаснуваат дека реформата подразбира редизајнирање на системот на социјалната заштита преку издвојување на материјалните (паричните) права од обезбедувањето на социјални услуги. Со тоа, се воспоставува моделот – водење на случај и поефикасно поврзување на социјалната работа со мерките за вработување и пристап до образование на лицата во социјален ризик, со цел да се намали појавата на злоупотреба на децата преку питачење.

Маја Томиќ

Фото: Вангел Тануровски