АВМУ со осуда за непрофесионалниот однос на претседателот на ДИК кон новинарите – ММС
ММС

Објавено на: 10/18/21 8:52 AM

АВМУ со осуда за непрофесионалниот однос на претседателот на ДИК кон новинарите

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осудува непрофесионалниот однос на претседателот на Државната изборна комисија кон новинарите за време на вчерашната попладневна прес – конференција на ДИК, и потенцира дека носителите на јавни функции треба да бидат свесни за јавно искажаниот збор и да покажат највисоко ниво на почитување на новинарската професија.

„Воедно, ги осудуваме нападите на новинарските екипи и попречувањето на нивната работа од страна на симпатизери на политички партии. Безбедноста на медиумските работници и почитувањето на нивното достоинство се исклучително важни, особено кога станува збор за информирање за клучни општествени настани како што се изборните процеси,“ се вели во соопштението од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Инаку Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски синоќа се извини за своето однесување вчера на една од прес конференциите кога влезе во вербална расправа со новинарка.

„ Се извинувам ако сум кажал нешто и сум навредил некого. Денот беше прилично тежок. Ми беше важно да биде сѐ во ред. Сега сметам дека сѐ е во ред и ги чекаме чекаме резултатите од избирачките места,“ рече Даштевски на прес конференцијата што ја одржа по полноќ.

Здружението на новинарите на Македонија реагираше синоќа за, како што рече, непрофесионалниот и омаловажувачки однос кон дел од новинарите во делот кога се обидуваше да одговара на новинарските прашања на прес конференција.

„На новинарско прашање од страна на новинарка во врска со најавата за продолжување на рокот за гласање после 19 часот, како и за најавата за продолжување на медиумскиот молк тој наместо да одговори конкретно имаше вербална расправа со колешката. Имено, Даштевски пропушти да даде конкретен одговор и истовремено се интересираше колешката од која телевизија е по што ѝ се обрати со зборовите‘Треба да се информирате добро пред да поставите некое прашање‘, како и тоа дека новинарката треба да го чита законот пред да прашува“, наведе ЗНМ.