Денеска македонската демократија имаше мирен, достоинствен, европски изборен ден –
изјави вечерва на прес конференција генералниот секретар на СДСМ и шеф на ЦИШ , Љупчо Николовски. Тој им честиташе на институциите бидејќи како што рече, успеале да спроведат фер, слободни и демократски избори.
Позитивната атмосфера која течеше низ целата кампања, денеска беше заокружена со мирен изборен ден. Беа забележани неколку изолирани помали отстапувања по кои веднаш се постапуваше – изјави Николовски.
Тој оцени дека се појавиле предизвици со гласањето со отпечаток на прст и како што рече, тоа е нешто на што беше укажувано во претходниот период.
„Но, гласањето со отпечаток на прст беше услов на ВМРО-ДПМНЕ за да гласаат за Изборниот законик и ние како демократска партија, го прифативме тоа за изборните резултати да бидат уште повеќе кредибилни, да нема простор никој да ги оспорува и на тој начин да бара алиби за било што. Во нашиот компјутерско аналитички центар веќе започнува обработката на првите податоци кои ги добиваме од општинските изборни штабови“, истакна Николовски.
Тој најави дека откако ќе ги добијат првите заокружени податоци ќе одржат нова прес конференција на која ќе ги презентираат и првичните резултати.