Гласањето во Штип мирно, но со гужви поради технички проблеми со уредите за отпечатоци од прст – ММС
ММС

Објавено на: 10/17/21 10:06 AM

Гласањето во Штип мирно, но со гужви поради технички проблеми со уредите за отпечатоци од прст

Технички проблеми се појавуваат во текот на гласањето во некои од избирачките места во Штип. Новите биометриски апарати за отпечатоци од прст кои годинава прв пат се користат, не ги препознаваат отпечатоците од прст на некои граѓани, па тие се префрлаат на традиционално гласање со УВ ламба и спреј.

– Новина е тоа што гласачите кои ќе гласаат вака, оставаат отисок од десниот показалец во избирачкиот список, каде имаме определено посебна рубрика и сето тоа се евидентира во дневникот на настани. Сепак тоа е мал процент, некаде околу еден отсто од седум проценти излезност во општината, вели претседателот на ОИК во Штип, Виктор Вацев за „Телма“.

Според него ова генерално се случува поради лошиот квалитет на отпечатоци на прсти кои го имаат граѓаните.

Сепак ваквите потешкотии создаваат гужви на одредени избирачки места. Гласачите кои гласаат во ОУ „Тошо Арсов“ во Штип, се жалат дека апаратите не функционираат, па сега гласањето се одвива со УВ ламба и спреј.

Гласачка вели оти чекала 45 минути на избирачкото место, а луѓето од гласачкото место велат дека се изморени и нервозни.

Во Штип со право на глас се 42 045 граѓани.