Во Северна Македонија денеска се одржуваат седмите локални избори на кои се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје.
На 3 480 избирачки места, граѓаните својот глас можат да го дадат за вкупно 10 831 кандидати од кои 299 за градоначалници, а останатите за советници, на 91 листа поднесена од група избирачи односно независни, и 31 листа од политички партии и коалиции.
Право на глас имаат 1 824 864 граѓани. Од вкупниот број гласачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1 740 147. Во посебните извори од Избирачкиот список се запишани 82 461 лице, кои се на привремена работа или престој во странство, во согласност со евиденцијата на надлежниот орган, 1 899 гласачи кои на денот на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор: 351 лице во установи за вонсемејно сместување и шест гласачи кои, во согласност со евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, се запишани како раселени лица.
Гласањето започнува во 7 часот и ќе трае до 19 часот. Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа. Во 19:00 часот гласачките места се затвораат. На избирачите затекнати во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат. Гласачкото место на кое гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список може да се затвори и пред 19:00 часот, по претходна согласност од надлежната ОИК, но не отпочнува со броење на гласовите пред 19:00 часот.
Ден претходно гласаа болните, немоќните, лица со Ковид-19, затвореници, лица во притвор, во старските домови и внатрешно раселените лица.
Првпат на овие избори идентитетот на гласачите ќе се проверува со уреди за биометриска идентификација на отпечаток од прст за што од компанијата „Дермалог” се набавени 4000 уреди и соодветен систем за нивна употреба. За членовите на ОИК и на избирачките одбори кои ќе управуваат со овие уреди ДИК спроведе четири циклуси едукација и ангажира 320 ИТ експерти за да се овозможи спроведувањето на изборите со овие избори да помине со што помалку прекини и проблеми. Дополнително се ангажирани уште 80 ИТ експерти од страна на компанијата „Дермалог”.
Резултатите од првиот круг на изборите се очекуваат околу полноќ. Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина. Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градот Скопје, не излезат една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка.
Ако во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник на општина не го добил потребното мнозинство гласови во согласност со член 132 став 1 од Изборниот законик, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето. Во вториот круг на гласање за градоначалник е избран кандидатот кој добил поголем број гласови.
Ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.
Советници се избираат во првиот круг од изборите и притоа се употребува пропорционалниот модел, при што распределбата на мандатите се врши по Д’Хондтовата формула.
Локалните избори ќе ги мониторираат 1045 набљудувачи од кои 714 домашни. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 217 набљудувачи.
Поради пандемијата со Ковид -19, Локалните избори ќе се спроведат со почитување на општите мерки за заштита од Ковид-19, така што гласачите и сите членови на избирачките одбори ќе мора да користат заштитни маски и да се употребува средство за дезинфекција.
МИА