На седмите локални избори ќе се избираат градоначалници и советници во 80 општини и во Скопје, 91,64 отсто од кандидатите се мажи – ММС
ММС

Објавено на: 10/16/21 10:33 AM

На седмите локални избори ќе се избираат градоначалници и советници во 80 општини и во Скопје, 91,64 отсто од кандидатите се мажи

Локалните избори што ќе се одржат утре, на 17 октомври 2021 година, ќе бидат седми од независноста на државата, а трети за избор на градоначалници и за советнички листи во 80 општини и во Градот Скопје.
Право на глас имаат 1.824.864 гласачи, што е најмногу од сите локални избори досега и раст од 10.220 гласачи, во однос на изборите во 2017 година.
На овие избори има вкупно 299 кандидати за градоначалници, што е зголемување од 42 кандидати споредено со тие во 2017, кога имало најмалку кандидати за градоначалници или 257. Најмногу кандидати за градоначалници – 683 имало на првите локални избори во 1996 година. Бројот на кандидати за градоначалници се движи од 323 во 2000 година, 350 во 2013, 364 во 2009 и 379 на изборите во 2005 година.
Според родовата застапеност, од вкупниот број кандидати за градоначалници на локалните избори 2021, 91,64 проценти се мажи, а 8,36 отсто се жени. Девет или 3 проценти се млади на возраст од 21 до 29 години, додека 12 проценти се на возраст од 30 до 35 години, 31 отсто се на возраст меѓу 36 и 45 години, 30 проценти се на возраст од 46 до 55 години, 21 отсто се на возраст од 56 до 65 години и седуммина или 2,3 проценти се постари од 66 години.
Најмногу кандидатски листи за советници имало на изборите во 1996 – 747, потоа во 2009 – 701, па 2000 – 564, 2013 – 480, 2005 – 445 и најмалку во 2017 година – 371.
На овие локални избори има 572 кандидатски листи за членови на општинските совети со вкупно 10.532 кандидати, од кои 55 проценти се мажи, а 45 проценти жени. Од нив, најмалку или 4,5 проценти се на возраст од 18 до 20 години, 21,6 отсто се на возраст од 21 до 29 години, 17,5 процент се на возраст од 30 до 35 години, најмногу или 23,6 отсто на возраст од 36 до 45 години, 16,8 проценти се на возраст од 46 до 55 години, 11 отсто се на возраст од 56 до 65 години и 4,7 проценти се на возраст над 66 години.
Првите локални избори во независна Македонија се одржани на 17 ноември 1996 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 123 општини, плус Градот Скопје. Имаше вкупно 683 кандидати за градоначалници и 747 кандидатски листи за членови на општинските совети. На овие избори право на глас имаа 1.419.081 избирачи.

(МИА)