Мажите се сторители во над 90 отсто од случаите на семејно и родово засновано насилство, што се потврди и во услови на пандемија, покажува статистиката. И покрај ова, во нашата држава не постојат советувалишни центри за мажи кои работат на превенција на насилство, a има само еден сервис со специјализирана програма за третман на сторители на насилство.
Оттаму, Реактор – истражување во акција, ХЕРА – Aсоцијација за здравствена едукација и истражување и претставници на институциите најавуваат отпочнувањето на проектот „Воспоставување на мулти-професионална превенција на родово засновано насилство, работа со сторители преку пристап фокусиран на безбедноста на жртвите и советување на мажите во Република Северна Македонија“ што ќе почне да се спроведува следната година.
Проектот подразбира детална анализа на состојбите и потребите од формирање центри за советување на мажи, со фокус на родово заснованото насилство, а ќе се спроведува до ноември 2022 година.
Според Реактор, главната цел на истражувањето е преку мапирање на потребите и консултација со поширок круг на претставници на национални институции и релевантни чинители, како и анализа на состојбите преку извештаи и бази на податоци, да се оформат препораки за ефективна примарна превенција на родово базирано насилство, поддршка и работа со сторителите, преку фокусирање на безбедноста на жртвите.
„Проектот предвидува и изработка на финансиска анализа за воспоставување на советувалишни центри за превенција на насилството кај мажи и за работа со сторители на насилство. Ќе биде формирана и експертска група и ќе се изготват тренинг-програми, први од ваков вид во државава“, изјавија од ХЕРА.
(МИА)