„Сите починаа, останав сама со ходникот и ѕидовите“ – Скадринка од Сараќино е единствената згрижена пензионерка во Тетово, домовите за стари лица се само празни ветувања пред избори – ММС
ММС

Објавено на: 10/15/21 7:00 PM

„Сите починаа, останав сама со ходникот и ѕидовите“ – Скадринка од Сараќино е единствената згрижена пензионерка во Тетово, домовите за стари лица се само празни ветувања пред избори

Скадринка Стаменкоска(64)  веќе 23 години живее во една од собичките во објектот на Здружението на пензионери во Тетово, кој со само неколку соби се смета за единствениот дом за стари лица. Таа со својот брачен другар, тука започнале заеднички живот уште во 1998 година, но подоцна сопругот починал, па сега живее сама.

Од Здружението велат дека од општината и од државата воопшто не се заинтересирани за старите луѓе од Тетово и околината. На локалните власти прва реченица од програмата им била изградбата на домови за стари лица, но тоа останало само како дел од програмата и ништо повеќе, а потпишале дури и меморандум за соработка, но и од тоа останала само хартијата и полна уста ветувања пред избори. Доказ за тоа е Скадринка и глувите и занемарени собички околу неа.

ММС го посети објектот на Здружението кое со неколкуте собички од немајкаде го нарекуваат Дом за стари лица, чии соби се руинирани и недостојни за живеење. Ја посетивме и Скадринка, која има само пофалби за персоналот, за кој вели дека многу добро се грижат за неа. Но, ако се земе в предвид бројот на жители во Тетово и околината а само еден згрижен пензионер е повеќе од смешно и доказ за негрижата на локалните и државните власти сите години наназад.


-Тука во овој објект имаше, односно беа згрижени и други четири лица, но сите починаа, па сега останав само јас сама. На вториот кат од објектот од здружението е многу тивко, само ходник и соби со ѕидови останаа. Сите се празни,  никој нема, освен во мојата, каде сама живеам. Поткрепа наоѓам во Здружението односно во персоналот, во самиот објект има една сала каде пиеме кафе и чај со пензионерите од Тетово и тетовско кои тука доаѓаат. Од персоналот ми помагаат за сите работи, ама и јас им помагам. Ние функционираме како едно семејство, вели Скадринка, која потекнува од тетовско Сараќино, но е без семејство, па тука го поминува остатокот од својот живот.


Од Здружението на пензионери, велат дека многу лица како Скадринка имаат потреба да бидат згрижени, бидејќи голем дел од младите од полошко веќе си заминаа во странство, па старите останаа тука, а за нив нема кој да се грижи. Има болни на кои им е неопходна нега, па на нив одвреме навреме внимаваат и ги чуваат нивните пријатели и нивните соседи. За жал таква е состојбата, оти дом за стари лица во Тетово нема.  Здружението располага со 11 соби, но само една е функционална.
-Немаме средства да ги реновираме собите. Ако се појави некој приватен инвеститор или ако помогне државата или општината за реновирање на собите, тоа би бил одличен потег. Ќе обезбедиме дом за уште 10 лица, кои тука би престојувале по многу симболична цена како Скадринка, велат од Здружението на пензионери Тетово и додаваат:


-Можам да кажам дека таа соба на Стаменка се реновираше со една донација од Германија. Станарката што ја имаме овде не плаќа никакви сметки, плаќа кирија од симболична сума од 2.000 денари. Ние се трудиме да оспособиме неколку соби, но некако не оди, немаме средства. На еден му дадов предлог на едно лице што сакаше да ја смести мајка му, да ја реновира собата, а да не плаќа кирија една година. Искрено од почетокот од добивање на мандатот на Теута Арифи, првата реченица од програма беше изградба на домови за стари лица, но таа реченица остана само во програмата. Ние дури потпишавме Меморандум за соработка со општините и државата да се гради Дом за стари лица, или пак да се оспособат нашите капацитети кои ги имаме, но и од тоа нема ништо, истакна Селвер Мемети претседател на Здружението на пензионери Тетово.


Голем проблем, додаваат од Здружението на пензионери, е здравствената заштита. Добро е што Скадринка е со добро здравје, бидејќи ако имаате среќа некој да донира и да ги оспособи собите со помош од државата или општината, ќе се потрудат сите стари лица да имаат пристап до лекар.
-Ако се оспособат сите соби, ќе се вработи управител да се грижи и да менаџира со тие прострии, па потоа ќе се купи возило, и со тоа возило ќе се носат станарките и станарите до лекар. Ние исто тука имаме и лекар кој доаѓа два пати во месецот и на пензионерите им врши бесплатни здравствени прегледи, додава Мемети.


Досега освен лажни ветувања како од централната така и од општинската власт, нема никакви конретни чекори за изградба на Дом за стари лица, или пак најава за инвестиција во објектот на Здружението на пензионери, со која би се обезбедило достоинствено место за живот на старите лица, кои нема кој да ги догледа .

Автор и фото: Зоран Димовски