„Место да се грижите за вселената, спасете ја планетата“ – Принцот Вилијам ги искритикува милијардерите Безос, Маск и Бренсон – ММС
ММС

Објавено на: 10/14/21 2:08 PM

„Место да се грижите за вселената, спасете ја планетата“ – Принцот Вилијам ги искритикува милијардерите Безос, Маск и Бренсон

Принцот Вилијам смета дека најголемите  бизнисмени на денешницата треба да се фокусираат на спасување на планетата и решавање проблеми на Земјата, наместо да развиваат вселенски туризам. Војводата од Кембриџ зборуваше за Би -Би -Си и индиректно ги критикуваше Џеф Безос, Илон Маск и Ричард Бренсон, кои се натпреваруваа во развојот на комерцијални вселенски летови во последните месеци.

„Потребни ни се најголемите умови на светот да се фокусираат на поправка на оваа планета, а не на наоѓање ново место за живеење. Клучот е да се фокусираме на нашата планета, а не да ги кренеме рацете и да отидеме во вселената за да бараме решенија за иднината, рече Вилијам

Вчера, холивудскиот актер Вилијам Шатнер стана најстариот човек во вселената, откако полета со суборбиталната капсула на „Сино потекло“ – компанијата на најбогатиот човек во светот, Џеф Безос.

Директорот на компанијата „Вирџин“, сер Ричард Бренсон и Илон Маск, основачот на „Тесла“ и „Спејс-екс“, исто така се во трка за развој на комерцијални летови во вселената.

Во интервјуто, принцот Вилијам истакна дека нема апсолутно никаков интерес да оди во вселената, како и дека постои „фундаментално прашање“ во врска со загадувањето што овие летови во вселената го оставаат зад себе.

Тој, исто така, предупреди на „климатска анксиозност“ кај младите луѓе, чија иднина е во постојана опасност.

Војводата од Кембриџ, исто така, ги повика возрасните да се сетат колку им значело во младоста да можат да поминуваат време надвор и колку, поради загадувањето, детството е поограничено за денешните деца.

„Ќе биде вистинска катастрофа ако принцот Џорџ седеше тука 30 години и зборуваше за спасување на планетата“, истакна Вилијам.

Извор: rts.rs